Балкан

Курти прогласи „историска победа“ на предвремените парламентарни избори во Косово

- „На 28 декември победи народот и Република Косово. Честитки за најголемата победа во историјата на земјата“, рече Курти.

Agim Sulaj  | 29.12.2025 - Обновена : 29.12.2025
Курти прогласи „историска победа“ на предвремените парламентарни избори во Косово

ПРИШТИНА (АА) - Вршителот на должноста премиер на Косово и кандидат на Движењето Самоопределување за уште еден мандат на оваа позиција, Албин Курти, во своето прво обраќање по објавувањето на прелиминарните резултати прогласи „историска победа“ на денешните предвремени парламентарни избори, јавува Анадолу.

„Честитки до сите граѓани, дијаспората и сите, без разлика, за историската победа која е на добар пат да ја надмине онаа од 14 февруари 2021 година“, рече Курти на прес-конференција по објавувањето на прелиминарните резултати од пребројувањето на 90 % од гласовите.

Курти рече дека по сертификацијата на резултатите од страна на Централната изборна комисија (ЦИК), треба да се формира косовското собрание, а потоа што поскоро да се формира новата влада.

„На 9 февруари, победи Движењето Самоопределување, на 28 декември победи народот и Република Косово. Честитки за најголемата победа во историјата на земјата“, рече тој.

Кандидатот на Движењето Самоопределување за премиер од седиштето на партијата изјави дека е подготвен веднаш да соработува со опозицијата за трите меѓународни договори што не се одобрени, а кои, како што рече, вредат над 1 милијарда евра во корист на земјата.

Курти истакна дека е подготвен да соработува со опозицијата за изборот на претседател на Косово, кога во април ќе заврши мандатот на актуелната претседателка Вјоса Османи, но претходно изјави дека ќе разговара со претседателот Османи за ова.

ЦИК досега преброи околу 97 % од гласачките кутии и според прелиминарните резултати, Движењето Самоопределување добила 49,72 % или 427.631 глас, по што следува Демократската партија на Косово со 21,19 % или 182.219 гласови.

Следуваат Демократската лига на Косово со 13,74 % или 118.128 гласови и Алијансата за иднината на Косово со 5,74 % или 49.369 гласови.

Партиите коишто нема да го достигнат прагот од 5 % освоени гласовите до крајот на официјалното пребројување гласови нема да можат да влезат во косовското собрание.

По завршувањето на пребројувањето на гласовите од денешното гласање, ќе се пребројуваат и илјадници гласови од дијаспората, каде што беа регистрирани околу 70.000 граѓани за гласање.

На овие избори, право на глас имаа 2.076.290 граѓани, од ​​кои 1.999.204 гласаа денес во земјата, а 77.086 гласачи од дијаспората имаа можност да го остварат своето право на глас во периодот од 12 до 27 декември.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.