политика, Балкан

Ковачевски од Самитот „Отворен Балкан“: Отвораме нови поглавја во областа на културата и туризмот

„Отворен Балкан се роди како идеја на тројца луѓе. Денес веќе не е идеја на тројца луѓе и не е повеќе работа на тројца луѓе. Денес Отворен Балкан им припаѓа на сите луѓе и во иднина ќе им припаѓа на сѐ повеќе и повеќе луѓе“

Abdula Berisha  | 08.06.2022 - Обновена : 09.06.2022
Ковачевски од Самитот „Отворен Балкан“: Отвораме нови поглавја во областа на културата и туризмот Фото: Furkan Abdula/AA

ОХРИД (АА) - Лидерите кои присуствуваа на Самитот на иницијативата „Отворен Балкан“ што се одржа денеска во Охрид одржаа завршна прес-конференција на која ги изложија досегашните достигнувања и плановите за иднината, јавува Агенција Анадолија (AA).

На прес-конференцијата присуствуваа премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, премиерот на Албанија, Еди Рама, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ и претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија.

Во својот говор, премиерот Ковачевски го оцени самитот како продуктивен и рече дека ќе придонесе за нов позитивен пресврт за регионот.

„Денеска овде во Охрид отвораме нови поглавја на соработка во областите култура и туризам. Час поскоро, нашите граѓани од Отворен Балкан да почувствуваат нови економски и други бенефити. Може тоа да биде убав одмор во Саранда, Охрид или Копаоник", рече Ковачевски.

Тој, исто така, истакна дека земјите учеснички во иницијативата се согласиле да соработуваат во справувањето со економската криза и недостигот на храна и енергија.

Рече дека овој самит е пресвртница и затоа што на него учествуваат претставници од Црна Гора и Босна и Херцеговина, иако овие земји сè уште не се дел од иницијативата „Отворен Балкан“.

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, изјави дека разговорите меѓу лидерите ќе продолжат и во иднина.

„Веќе следната недела ќе имаме видеоконференција, за да ги продолжиме нашите разговори, нашите подготовки, нашите експерти да се обединат во изнаоѓање на најдобри решенија и надминување на кризата која ѝ се заканува на цела Европа и светот во наредните 6 месеци до една година", изјави Вучиќ.

Тој изрази задоволство што разговарале за изнаоѓање решенија за подобрување на животот на жителите, додавајќи дека резултатите нема веднаш да бидат видливи.

Вучиќ повтори дека земјите учеснички во иницијативата „Отворен Балкан“ немаат речиси никакви билатерални проблеми, па дури и успеале да ги решат прашањата кои биле отворени многу децении.

Тој му се заблагодари и на албанскиот премиер Еди Рама, велејќи дека без лидерството на Рама, „Отворен Балкан“ немаше да може да опстане.

Албанскиот премиер Рама во своето обраќање рече дека е среќен што лидерите на пет од шесте земји од Западен Балкан се присутни на самитот.

Истакна дека би сакал да бидат присутни лидерите на шесте земји, но додаде дека „Отворен Балкан“ нема да запре и нема да се затвори.

„Отворен Балкан се роди како идеја на тројца луѓе. Денес веќе не е идеја на тројца луѓе и не е повеќе работа на тројца луѓе. Денес Отворен Балкан им припаѓа на сите луѓе и во иднина ќе им припаѓа на сѐ повеќе и повеќе луѓе“, рече Рама.

Нагласи дека соработката станува сè поважна и поради влошената криза со храна и енергија.

Претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија, рече дека е убеден дека неговата земјата треба да биде дел од иницијативата „Отворен Балкан“, додавајќи дека се надева дека во Босна и Херцеговина ќе се постигне политички консензус за учество во оваа иницијатива.

Премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, истакна дека учествувал на повеќе состаноци поврзани со Западен Балкан, но дека оваа средба е новото лице за регионот, додавајќи дека сите теми кои биле дискутирани исклучиво се однесувале на животниот стандард на жителите на регионот.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.