Балкан

Во скопската општина Чаир одбележана 30-годишнината од геноцидот во Сребреница

- Учесниците носеа транспаренти во чест на жртвите од Сребреница и положија цвеќе на споменикот посветен на геноцидот што се наоѓа во паркот во Чаир

Abdulbesar Ademi  | 11.07.2025 - Обновена : 12.07.2025
Во скопската општина Чаир одбележана 30-годишнината од геноцидот во Сребреница

СКОПЈЕ (АА) – По повод 30-годишнината од геноцидот во Сребреница, Општина Чаир во Скопје организираше марш за оддавање почит на жртвите, кој започна од дворот на Општината и заврши во паркот во Чаир, јавува Анадолу.

Учесниците, меѓу кои беа и заменик-премиерот за добро владеење на Северна Македонија, Арбен Фетаи, и градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, носеа транспаренти во чест на жртвите од Сребреница и положија цвеќе на споменикот посветен на геноцидот што се наоѓа во паркот во Чаир.

Оттаму, заменик-премиерот Фетаи изјави дека геноцидот во Сребреница е најгорливата и најтешката рана на европскиот континент.

„Уште поболно е кога гледаме дека одредени кругови во нашиот регион продолжуваат да го негираат геноцидот, продолжуваат да спроведуваат негационистички и ревизионистички политики кои немаат место во Европскиот Регион, а секако немаат место ниту во која било земја што сака да стане дел од ЕУ, затоа што негирањето на геноцидот брутално e спротивно на секоја можна европска вредност“, рече Фетаи.

Ганиу рече дека Сребреница не е само историја на Босна, туку историја на целото човештво. Тој додаде дека тоа е сеќавање на еден мрак што се случил во срцето на Европа.

„Денес сме тука да положиме едно цвеќе, но со него положуваме многу повеќе. Го положуваме сеќавањето, болката, солидарноста и нашата заедничка заложба оваа трагедија никогаш да не се повтори“, изјави Ганиу.

Споменикот на геноцидот во Сребреница, поставен во паркот во Чаир, беше изграден на 11 јули 2021 година, со симболична порака во чест на жртвите од геноцидот.


- Сребреница

Секоја година на 11 јули, по повод годишнината од геноцидот, се одржува погреб на новоидентификувани жртви од најтешкиот масакр во Европа по Втората светска војна, во кој беа убиени повеќе од 8.000 Бошњаци.

Меморијалниот центар Поточари беше официјално отворен на 20 септември 2003 година од страна на поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави, Бил Клинтон.

Жртвите потекнуваат од различни општини, повеќето од подрачјата на Сребреница, Братунац, Власеница, Зворник и Милиќ. Жртвите на геноцидот се пронајдени на 150 различни локации, од кои 77 се масовни гробници. Најмладата жртва досега погребана во Поточари е новороденчето Фатима Мухиќ, а најстарата е Шаха Измирлиќ, родена 1901 година.

Сѐ уште се трага по повеќе од илјада жртви на геноцидот.

Во 2007 година Меѓународниот суд на правдата во Хаг донесе пресуда во која се констатира дека во јули 1995 година во Сребреница, која тогаш беше заштитена зона на Обединетите нации (ОН), војската на Република Српска (ВРС) извршила геноцид.

Хашкиот трибунал, Судот на Босна и Херцеговина и судството во Србија и Хрватска досега за геноцид и воени злосторства осудија вкупно 54 лица на 781 година и пет доживотни казни затвор. На доживотни затворски казни, меѓу другите, осудени се воениот претседател на Република Српска (РС) и командантот на војската на тој ентитет, Радован Караџиќ и Ратко Младиќ.

Со резолуцијата за геноцидот во Сребреница, усвоена од Генералното собрание на Обединетите нации, 11 јули е прифатен како Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница извршен во 1995 година.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.