Во Поточари отворен музеј во чест на жртвите од геноцидот во Сребреница
Музејот е резултат на заеднички проект на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) и Меморијалниот центар Сребреница

СКОПЈЕ (АА) - Поранешната фабрика за акумулатори во Сребреница, Босна и Херцеговина, каде што пред 30 години се случи еден од најтешките масакри во Европа по Втората светска војна, е претворена во музеј посветен на жртвите од геноцидот, а кој со поддршка на Турција е отворен денес, јавува Анадолу.
Музејот е резултат на заеднички проект на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) и Меморијалниот центар Сребреница.
Целта на музејот е да се зачуваат сеќавањата на невините жртви, како и да се едуцираат идните генерации за настаните од јули 1995 година, кога војската на Република Српска (ВРС) ја нападна заштитената зона на Обединетите нации во Сребреница и изврши масовно убиство на повеќе од 8.000 муслимани – мажи и момчиња.
Во музејот се поставени инсталации кои ги прикажуваат местата на масовни егзекуции, меѓу кои и реплика на Домот на културата во Пилица – едно од местата каде се извршени масовни егзекуции. Меѓу експонатите се и масовни гробници, артефакти пронајдени во нив, предмети кои им припаѓале на жртвите, лични приказни на преживеаните и мајките на Сребреница.
Еден од ѕидовите во музејот е посветен за фотографиите на убиените, создавајќи моќен визуелен споменик на изгубените животи.
Музејот денес го посети претседателот на Големото народно собрание на Република Турција, Нуман Куртулмуш, кој е во посета на БиХ и во Поточари присуствуваше на колективниот погреб на жртвите од геноцидот што беше одржан денес.
Денес за време на колективната погребна церемонија во Меморијалниот центар Сребреница во Поточари беа погребани останките на седум жртви од геноцидот во Сребреница извршен во 1995 година.
Секоја година на 11 јули, по повод годишнината од геноцидот, се одржува погреб на новоидентификуваните жртви од геноцидот.
Генералното собрание на ОН го прогласи 11 јули за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница. Оваа година на церемонијата присуствуваа илјадници посетители од цел свет.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.