БиХ: На колективниот погреб во Поточари ќе бидат закопани само две коски на Хасиб Омеровиќ
- Поранешната фабрика за акумулатори во Поточари, во близина на Сребреница, е последна станица пред последното почивалиште на жртвите од геноцидот извршен во јули 1995 година во Сребреница

ПОТОЧАРИ (АА) - Само две коски од Хасиб Омеровиќ, една од жртвите на геноцидот во Сребреница, Босна и Херцеговина, ќе бидат погребани на колективниот погреб на 11 јули оваа година во Поточари, јавува Анадолу.
„Пронајдени се само две коски. Досега чекавме да видиме дали ќе се најде уште нешто. Ништо не е пронајдено, па ќе го закопаме ова“, рече неговата сопруга Мевлида.
Таа е покрај ковчегот на сопругот, кој имал 34 години во време на смртта. Зад него оставил две деца. И тие се покрај неа.
„Тој беше во Кравица, а застрелан е во Зворник“, рече таа.
Неговите останки беа пронајдени во 2013 година.
„Пронајдени се само две коски. Досега чекавме да видиме дали ќе се најде уште нешто. Ништо не е пронајдено, па ќе го закопаме ова“, рече таа, наведувајќи дека ќе го закопаат овој мал дел од останките затоа што сакаат тој да има гроб.
Иако поминаа 30 години од геноцидот во Сребреница, истакна таа, сè е како да се случило сега, сеќавањата се свежи.
„Како сега да загина. Тоа се рани“, рече таа, повикувајќи геноцидот во Сребреница никогаш да не се заборави и никогаш да не се повтори.
Поранешната фабрика за акумулатори во Поточари, во близина на Сребреница, е последна станица пред последното почивалиште на жртвите од геноцидот извршен во јули 1995 година во Сребреница.
Ковчезите со останките од жртвите на геноцидот пристигнаа во Поточари попладнево.
Зелените ковчези се наредени еден до друг. Сенаџид, Хариз, Фата, Сејдалија, Рифет... Седум ковчези се подготвени за закоп на колективниот погреб на 11 јули оваа година.
Одекнува плач додека семејствата седат покрај ковчезите на своите најблиски, тука се мајки, сестри, ќерки, сопруги, братучеди и роднини.
Семејствата чекаа три децении за да ги пронајдат и да ги погребат покрај претходно погребани членови на пошироките семејства.
- Оваа година ќе бидат закопани и двајца 19-годишници -
Оваа година жртвите ќе бидат погребани покрај своите најблиски, па таткото ќе најде спокој покрај синот, братот ќе биде погребан покрај братот, а синот ќе биде спуштен во земја покрај посмртните останки на таткото.
Најмладите жртви што ќе бидат погребани оваа година се две млади момчиња што имале само 19 години во време на смртта. Тоа се Сенаџид (Хусејин) Авдиќ и Хариз (Рамиз) Мујиќ.
Двајцата се убиени во јули 1995 година, а последното почивалиште го наоѓаат по 30 години.
Посмртните останки на Авдиќ се ексхумирани на подрачјето на Суљиќи во октомври 2010 година и биле пронајдени на површината на овој локалитет.
Останките на Мујиќ Хариз се пронајдени на површината на теренот, незакопани, за време на ексхумацијата спроведена во март 2022 година на локалитетот Баљковица во Зворник, 27 години по неговата смрт.
Најстарата жртва што ќе биде погребана е Бектиќ (Хусо) Фата, која имала 67 години во моментот на смртта. Таа е единствената жена што ќе го најде своето последно почивалиште оваа година во Поточари.
Нејзините посмртни останки се пронајдени 26 години по смртта при ексхумацијата спроведена во јуни 2021 година во Поточари.
Посмртните останки на жртвите што ќе го пронајдат своето последно почивалиште оваа година се пронајдени во гробници откриени години наназад на локалитетите Липље, Баљковица, Суљиќи и Каменичко Брдо. Во повеќето случаи станува збор за нецелосни тела и затоа некои од семејствата на жртвите во земја ќе стават една или две коски.
Посмртните останки на Хасиб Омеровиќ, кој имал 34 години кога е убиен, се ексхумирани во 1998 година, но семејството, токму од овие причини, поради малиот број пронајдени делови на скелетот, сѐ досега не нашло сила да даде согласност за погребување на оваа жртва.
Досега во Меморијалниот центар Сребреница-Поточари се погребани 6.765 жртви на геноцидот, а 250 жртви се погребани на локалните гробишта по барање на членовите на семејството.
Жртвите доаѓаат од различни општини, а повеќето од нив се од подрачјето на Источна Босна и Херцеговина - Сребреница, Братунац, Власеница, Зворник и Милиќ.
Жртви на геноцид се пронајдени на 150 различни локации. Од нив, во 77 масовни гробници што се откриени по војната. Најмладата жртва погребана во Поточари досега е новороденото бебе Фатима Мухиќ, а најстара бабата Шаха Измирлиќ, родена 1901 година.
Сè уште се трага по повеќе од илјада жртви на геноцидот во Сребреница.
- Пресуди -
Во 2007 година Меѓународниот суд на правдата во Хаг донесе пресуда во која се констатира дека во јули 1995 година во Сребреница, која тогаш беше заштитена зона на Обединетите нации (ОН), војската на Република Српска (ВРС) извршила геноцид.
Хашкиот трибунал, Судот на Босна и Херцеговина и судството во Србија и Хрватска досега за геноцид и воени злосторства осудија вкупно 54 лица на 781 година и пет доживотни казни затвор. На доживотни затворски казни, меѓу другите, осудени се воениот претседател на Република Српска (РС) и командантот на војската на тој ентитет, Радован Караџиќ и Ратко Младиќ.