Emrah Güney
20 Декември 2016•Ажурирај: 20 Декември 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот премиер, Бинали Јилдирим во врска со терористичкиот напад врз рускиот амбасадор во Анкара Андреј Карлов, кој им подлегна на повредите по пукањето, рече дека турските власти вложуваат максимални напори за мрачните сили кои стојат зад ова да се откријат и да бидат изведени пред лицето на правдата, јавува Anadolu Agency (AA).
„Чувствуваме длабока тага за загубата на почитуваниот амбасадор со кого минатата недела во Москва имав можност за блиска соработка. Ние вложуваме максимални напори за да ги откриеме и изведеме пред лицето на правдата мрачните сили кои стојат зад терористичкиот напад", рече турскиот премиер.
Турскиот премиер го осудува овој, како што рече, одвратен напад врз рускиот амбасадор, додавајќи дека нема да биде дозволено нападот да ги поткопа односите меѓу Турција и Русија.
„И покрај сите напори на лекарите рускиот амбасадор во Турција, Карлов, го изгуби животот. Безбедносните сили, подоцна го усмртија напаѓачот. Во нападот се повредени три лица", рече Јилдирим.
Тој истакна дека целта на нападот е да се расипат односите меѓу Русија и Турција, кои во последно време силно напреднаа.
Тој нагласи дека нема да се дозволи двете земји да паднат во стапицата на тероризмот, потсетувајќи на напорите на Турција и Русија во последниот период со цел да се воспостави мир и безбедност во регионот.
„Верувам дека овој и сличните напади никогаш нема да ги спречат нашите напори", рече турскиот премиер.
На крајот тој нагласи дека ја дели болката на рускиот народ поради овој, како што рече, тажен настан, и испрати сочувство до семејството и најблиските на Карлов, до рускиот народ и целиот дипломатски кор.