ЗАГРЕБ (АА) - Претседателот на Големото народно собрание на Република Туркије, Мустафа Шентоп, изјави дека Туркије не ја признава, ниту ќе ја признае анексијата на Крим, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Туркије ќе продолжи да ги поддржува Украина и Кримските Татари како на билатералните, така и на мултилатералните платформи“, рече Шентоп во обраќањето на Првиот парламентарен самит на Меѓународната кримска платформа којашто се одржува во Загреб, главниот град на Хрватска.
„Верувам дека со овој парламентарен самит на Кримската платформа ќе испратиме силна порака што сакаме да ја пренесеме за прашањето на Крим, и да ги зајакнеме нашите напори“, рече тој.
Шентоп потсети дека Туркије од самиот почеток го поддржа формирањето на Кримската платформа.
„Основата на овој пристап е непоколебливата поддршка на Туркије на територијалниот интегритет на Украина, вклучувајќи го Крим и другите анектирани територии“, рече претседателот на турскиот Парламент.
Тој нагласи дека Крим е татковина на Кримските Татари.
„Освен стратешките, историските и економските аспекти, ова прашање е важно за нас и од овој аспект. Затоа што, како и сите други народи, и Кримските Татари заслужуваат да живеат слободно и безбедно во својата татковина. Туркије не ја призна, и нема да ја признае анексијата на Крим“, рече Шентоп и додаде:
„Како што знаете, Обединетите нации не можат да најдат решение за ниту еден сериозен проблем, ниту можат да понудат решение за овој постоечки проблем. Оваа ситуација е и јасен показател за потребата од реформи во меѓународните организации, што Туркије секогаш ја нагласува со зборовите 'Светот е поголем од пет‘.“
Турските претставници во многу голем број прилики повикуваа дека „Светот е поголем од пет“, мислејќи на Советот за безбедност на ОН и неговите пет постојани членки (САД, Велика Британија, Франција, Русија и Кина). Овие земји во различни услови го користеа правото на вето за да ги бранат своите национални интереси.
Шентоп рече дека војната во Украина влегла во нова фаза со одлуката за анексија на некои региони што Русија ја донесе на 30 септември.
„Туркије не ја признава анексијата на Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон, како што тоа е нејзин став и за Крим. Ваквите постапки се ништовни во нашите очи. Ги отфрламе ваквите постапки што се против меѓународното право“, рече Шентоп.
Потсети дека десетици илјади Украинци загинаа во војната што трае од 24 февруари, милиони луѓе се раселени, а многу украински градови се во голема мера уништени.
„Војната најмногу влијае на нашиот регион. Освен тоа, цената на војната на глобално ниво од ден на ден е сѐ повисока. Како што секогаш нагласуваме, во оваа војна нема да има победници.“
Тој нагласи дека Туркије ѝ пружа материјална и морална поддршка на Украина од почетокот на војната, но исто така сака судирите да завршат што е можно поскоро со праведен мир кој се заснова на територијалниот интегритет на Украина.
„Додека ја поддржуваме оправданата борба на Украина, повикуваме дипломатијата да не биде жртвено јагне и да бидеме спремни да ставиме крај на овој судир преку дипломатијата кога тоа го дозволуваат условите. Преговорите не значат отстапки. Можно е достигнувањата на терен да се претворат во предности на [преговарачката] маса. Како што рече и нашиот претседател, Туркије ќе продолжи со обидите за посредување“, рече Шентоп.
Тој уште еднаш привлече внимание на значењето на законите и почитувањето на меѓународното право.
„Меѓународното право не е пајакова мрежа во која државите кои се чувствуваат силни се пробиваат, а слабите држави мора да се придржуваат. Ако државите кои себеси се сметаат за силни не се воздржат од фрлање оган кон други земји и народи заради интереси и потопување на светот во крв и солзи, тогаш веќе нема меѓународно право“, рече претседателот на турскиот Парламент и на крајот додаде:
„Сите почнуваат за свое право да го сметаат кршењето на законот онолку колку што им дозволува нивната моќ. Светскиот мир и меѓународната безбедност се можни преку законите и нивното почитување, и меѓународниот поредок. Новиот концепт заснован на суверена еднаквост на државите во чиј фокус се луѓето е можен и неопходен за мир во светот. Тоа е единственото решение.“
Загреб, главниот град на Хрватска, на 24 и 25 октомври е домаќин на Првиот парламентарен самит на Меѓународната кримска платформа, на кој учествуваат делегации од 50 земји и институции.
news_share_descriptionsubscription_contact
