Часовничар од Турција во малата работилница веќе 57 години поправа часовници
- Садик Тосун од Адана од 1969 година работи во дуќан од само 3,5 квадратни метри, каде што и денес не ги испушта лупата и шрафцигерот
- „Не можам да ја напуштам работата, многу ја сакам“
Yakup Sağlam
18 Септември 2026•Ажурирано: 18 Септември 2026
photo: Yakup Sağlam / AA
АДАНА
Часовничарот Садик Тосун (76) од Адана, Турција, веќе 57 години ги услужува клиентите што сакаат да ги поправат своите неисправни часовници, во неговата мала работилница од 3,5 квадратни метри, пишува Анадолу.
На 16-годишна возраст Тосун почнал да го изучува занаетот како чирак кај часовничар, а со текот на времето се усовршил во поправка на механички и електронски часовници.
Не одвојувајќи ја лупата од окото и шрафцигерот од раката, Тосун во 1969 година отворил сопствен дуќан на улицата „Хасан Шаш“ во округот Караташ.
Фотографија : Yakup Sağlam/AA
Освен во недела, секој ден доаѓа во својата мала работилница, каде што ги поправа расипаните часовници на клиентите.
Тосун целиот свој живот му го посветил на занаетот и деновите ги поминува поправајќи часовници.
За АА Тосун раскажа дека за него часовничарството е повеќе од професија на која ѝ е исклучително посветен.
Тој истакна дека особено сака да поправа антички часовници.
„Со љубов го започнав овој занает и на ист начин продолжувам. Сега имам проблеми со видот, но и покрај тоа работам колку што можам. Не можам да ја напуштам работата, многу ја сакам“, рече тој.
Фотографија : Yakup Sağlam/AA
Тосун нагласи дека за поправка на часовниците се потребни трпение, внимание и многу труд.
Тој посочи дека понекогаш се соочува со тешкотии поради малиот работен простор.
„Се обидувам да ја работам својата работа во работилница од 3,5 квадратни метри. Поради финансиските можности не успеавме да работиме во поголем простор. Навистина е тешко да се работи во 3,5 квадратни метри“, рече Тосун.
Тој додаде дека ќе продолжи да го отвора дуќанот сè додека му дозволува здравјето бидејќи го сака својот занает, но се пожали дека не може да најде чирак:
„По мене тука ќе нема кој да ја работи оваа работа. Не успеавме никого да обучиме. Нема млади луѓе што се заинтересирани за занаетот и кои сакаат да го научат. Не сакам луѓето што ќе останат по мене да бидат оставени без можност за оваа услуга и затоа ќе се борам за оваа работа до последен здив.“