ЛИСАБОН (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, изјави дека особено биле загрижени во врска со случувањата во САД и дека тоа било загрижувачко не само за Турција, туку и за Европа и целиот свет, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу за време на вчерашната официјална посета на Португалија, во Лисабон одржа прес-конференција на која присуствуваше и неговиот португалски колега Аугусто Сантос Силва.
Турскиот министер зборуваше за совршените политички односи меѓу двете земји и дека се одлучни додатно да ги унапредат економските односи.
Чавушоглу изјави дека постои значаен потенцијал за зголемувањето на обемот на трговијата и ги повика турските компании додатно да интервенираат во Португалија.
Тој изјави и дека на состанокот со колегата разговарал и за регионални прашања, првенствено за Либија, Нагорно Карабах, Сирија, Источен Медитеран, Венецуела и Мозамбик.
„Турција во сите овие подрачја игра клучна улога за постигнување на трајна стабилност и мир. Турција ќе продолжи да ја игра таа улога. Воедно, Турција е земја која верува во мирно решение за сите несогласувања. Во тоа влегува и ситуацијата во Источниот Медитеран и кипарското прашање“, нагласи Чавушоглу.
Тој потсети и на иницијативите кои ги преземаше Турција во минатото кога станува збор за кипарското прашање, но дека грчката страна ги одбивала, вклучувајќи го и Планот на Анан.
„Постои прозорец на можност за воспоставување добар дијалог со Грција. Министерот за надворешни работи е мој добар пријател. Во наредните недели ќе воспоставиме дијалог со него. Во тие рамки, подготвени сме и да отвориме нова страница во односите со Европската Унија“, изјави Чавушоглу.
Тој додаде и дека Португалија, која претседава со ЕУ, заслужува пофалби за прашањето во врска со избалансираниот став за многу прашања.
Се осврна и на моментално добрите односи меѓу Турција и ЕУ. Верува дека модернизацијата на Царинската унија ќе биде во интерес и на Турција и ЕУ и потсети на ветувањето за безвизен режим.
„На претстојните состаноци, од ЕУ очекуваме конкретни чекори за тоа прашање“, изјави Чавушоглу.
Одговарајќи на прашањата во врска со Источниот Медитеран и кипарското прашање, тој нагласи дека Турција во Источниот Медитеран поддржува рамноправна поделба.
„Сега пред нас е уште една можност за дијалог“, изјави Чавушоглу, и додаде дека постои можност за соработка со сите земји кои имаат брегови во Источниот Медитеран.
Тој наведе дека Турција предлага мултилатерална конференција за прашањето во врска со Источниот Медитеран, а за која предложија да учествуваат сите земји во Медитеранот, не само Источниот Медитеран.
Осврнувајќи се на кипарското прашање, Чавушоглу изјави дека 52 години траат разговорите за федерација и дека грчката страна отфрлила многу планови.
„Дводржавното решение не е само наша идеја. Всушност, прво тоа го предложи [лидерот на грчкиот дел на Јужен Кипар, Никос, заб. на авт.] Анастасијадис“, изјави Чавушоглу.
Тој наведе и дека прво е потребно да се одреди за што се преговара и дека на тој принцип предложил одржување на неформален состанок во формат 5 + Обединети нации (ОН).
Порача дека Турција и кипарските Турци се подготвени на преговори, но дека треба да се биде реален.
„Преговорите за федерација ќе бидат губење време. Доколку преговорите за федерација ги продолжиме уште 52 години, сигурен сум дека никако нема да пронајдеме решение“, изјави Чавушоглу.
Зборувајќи за односите со Франција, Чавушоглу изјави дека Турција не е категорично против Франција, но дека Франција е категорично против Турција. Тој наведе дека, доколку Франција е искрена и добронамерна, Турција е подготвена на нормализација на односите.
Тој зборуваше и за случувањата во Вашингтон кога поддржувачите на американскиот претседател во заминување, Доналд Трамп, упаднаа во зградата на Капитол. Додаде и дека овие случувања не го изненадиле и дека ги следат сигналите од победата на Џо Бајден на изборите.
„Навистина бевме загрижени. Она што се случи во Вашингтон, е прво од таков вид во САД, но на крајот победи здравиот разум. Она што се случи вчера, беше загрижувачко за Европа и целиот свет, не само за нас. Мило ни е што победи здравиот разум и што ваквите работи се решија“, изјави Чавушоглу.
Тој се осврна и на судирите меѓу Азербејџан и Ерменија наведувајќи дека го поддржуваат Договорот за примирје кој го потпишале со посредство на Русија.
„По тој договор, ние сме во фаза на оформување на заеднички центар за надзор на подрачјата која ни ги одреди Азербејџан. Основната цел на овој надзорен центар е контрола на имплементацијата на мирот и предвидува преземање мерки доколку дојде до какво било кршење“, истакна Чавушоглу.
Тој додаде дека се надева оти ерменската страна нема да го прекрши примирјето.
„На крајот на краиштата, можеме да ги нормализираме односите со Ерменија. И односите Турција - Ерменија и Турција - Азербејџан ќе бидат нормализирани. Ерменија и ерменскиот народ ќе имаат најголема корист од оваа нормализација. На овој начин, можеме да создадеме траен мир и стабилност во Јужен Кавказ “, рече Чавушоглу.
Неговиот колега Силва го коментира значењето на Турција како економски и стратешки партнер. Изјавувајќи дека расте бројот на турски компании во Португалија, тој исто така рече дека португалските компании покажуваат сѐ поголем интерес за Турција.
Тој најави и одржување на самит чиј домаќин ќе биде Турција.
Осврнувајќи се на претседавањето на ЕУ од страна на Португалија, изјави дека на состаноците на кои присуствувал Чавушоглу било разговарано за тоа како да се унапредат односите меѓу Турција и ЕУ.
Тој додаде дека меѓу членките на ЕУ и Турција постојат несогласувања и дека Португалија за време на своето претседавање ќе се обиде со директни преговори да ги реши тие несогласувања. Наведе дека позитивната соработка меѓу Турција и ЕУ е особено важна.
„Имаме заеднички грижи и заеднички интереси. Тоа се прашања кои се однесуваат на безбедноста и стабилноста на регионот. Истовремено постојат активности кои можат да се преземат кога се во прашање примањето на бегалците, интеграцијата на бегалците и борбата против миграциите“, изјави Силва.
Тој потсети дека на 18 март ќе се одбележат пет години од потпишувањето на Договорот за реадмисија на бегалците меѓу Турција и ЕУ.
Запрашан за случувањата во САД, Силва изјави дека вчерашните случувања биле особено потресни.
„Се надеваме дека слично нема да се повтори. Време е да кажеме дека го поддржуваме избраниот претседател Џо Бајден. Очекуваме дека ќе работиме со Бајден и неговата администрација и дека тоа ќе биде пресвртница во односите меѓу САД и ЕУ“, изјави Силва.
Тој додаде и дека го поддржуваат примирјето во Нагорно Карабах и дека примирјето нуди политичка средина за решавање на проблемите и мирно решение.
„Во 21 век не може да се верува дека разликите и несогласувањата ќе го решат насилството и користењето сила“, изјави Силва.
Осврнувајќи се на Либија тој истакна дека го поддржуваат политичкиот процес и Берлинскиот процес, а дека во врска со Источниот Медитеран се преземени позитивни чекори.
news_share_descriptionsubscription_contact
