Ömer Tuğrul Çam
06 Мај 2020•Ажурирај: 07 Мај 2020
АНКАРА
Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, учествуваше во програмата на каналот ТВ100 во која одговараше на поставените прашања, јавува Агенција Анадолија (АА).
На прашањето за земјите од светот кои упатија барања за помош од Турција во медицинска опрема, министерот Чавушоглу одговори: „Досега 128 земји од светот, од Турција побараа помош во облик на грант, дозвола за извоз или купување на медицинска опрема. Успеавме да испорачаме половина од тоа.“
Чавушоглу информира дека синоќа се состанал со министерот за здравство, Фахретин Коџа, со кого разговарал за начинот на кој ќе може да се спроведе барањето за помош што го упатил Парагвај.
„Две третини од земјите во светот од Турција побараа медицински материјали. Тоа е показател дека Турција е доверлив извор“, истакна Чавушоглу.
- „Нашето искуство го споделуваме со секој дел од светот“
Зборувајќи дека помошта што Турција ја направила кон земјите од светот предизвикала некои недоразбирања во земјата, Чавушоглу го истакна следното:
„Се објавуваат коментари дека на други земји им го даваме она што му е потребно на турскиот народ. Зборувам за нашите досегашни активности кои се коментираат на поинаков начин. Тоа не е во ред. Дали досега нешто недостигаше од аспект на здравствените услуги? Воопшто не. Дали воопшто во болниците имаше каков било недостиг, првенствено на респираторни апарати кои од скоро почнавме да ги произведуваме? Не.
Целиот свет увиде дека Турција има многу моќен здравствен систем, кој не прави дискриминација, без оглед од која болест сте заболени, за разлика од голем број земји во светот со пристап дека ќе можат да ги лекуваат болните, но во одделенијата за интензивна нега. Како што Турција ги задоволува сите здравствени потреби на своите граѓани, на ист начин тоа искуство го споделува и со земјите од светот. Од тој аспект Светската здравствена организација ја покажува Турција како земја модел, а истото тоа го прават и меѓународната заедница и другите земји, првенствено САД. Овој вид помош што ќе се направи, на Турција во иднина ќе ѝ обезбеди да биде бренд кој претставува доверлив извор.“