Hilal Uştuk
09 Септември 2019•Ажурирај: 10 Септември 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Цистерната Базилика во Истанбул е еден од историските локалитети во овој град кои пречекуваат најмногу домашни и странски посетители. Цистерната, чиј внатрешен дел има висина од 9 метри, ги воодушевува посетителите со своите 336 столба и 2 статуи на Медуза кои се наоѓаат тука, пишува Anadolu Agency (AA).
Оваа цистерна која се наоѓа на Историскиот Полуостров во Истанбул, каде што се наоѓаат и џамијата „Султан Ахмед“ и црквата „Аја Софија“, била тема на бројни филмови во Холивуд.
Изградена е во 542 година од страна на византискиот цар Јустинијан I, а потоа била позната како цистерна Базилика, бидејќи на истото место претходно се наоѓала некоја базилика.
Цистерната има површина од 9.800 метри квадратни, и има капацитет да складира вода од 100.000 тони.
Во византискиот период цистерната ги задоволувала потребите за вода на големата палата во која живеел царот, како и на жителите од околината.
По ослободувањето на Истанбул во 1453 година, уште извесно време била во употреба.
- 336 столба од мермер високи 9 метри -
Во цистерната Базилика се наоѓаат 336 столба од мермер високи по 9 метри, а помеѓу секој столб има растојание од 4,80 метри.
Поголемиот дел од столбовите се во облик на цилиндер, а дел од нив имаат форма на коцка.
Исто така, повеќето од нив се состојат од еден дел, додека некои од нив се состојат од два дела.
Османлиите преферирале да користат проточни води, наместо стоечки води, и затоа цистерната по извесно време повеќе не се употребувала.
Оваа цистерна беше повторно актуализирана во 1540-тите години од страна на Пјер Жил кој дошол во Истанбул со цел да ги истражува византиските остатоци.
Во османлискиот период, цистерната Базилика двапати била реновирана, додека во 1987 година била отворена за туристички цели од страна на општината на Град Истанбул.
Две глави на Медуза, статуи кои се едни од примероците што привлекуваат внимание во уметноста на скулптури од римскиот период, се наоѓаат во долниот дел на два столба во северозападниот дел на цистерната.
Овие статуи го привлекуваат вниманието на посетителите, но не се знае од каде биле донесени во цистерната Базилика. Внимание привлекува и тоа што главите на Медуза се поставени на обратна страна.