Турција

Церар во Анкара: „Словенија го поддржува членството на Турција во ЕУ“

Словенечкиот министер за надворешни работи за време на посетата на Анкара изјави дека соработката меѓу Турција и Европската Унија (ЕУ) треба да биде продолжена

Nazlı Yüzbaşıoğlu  | 10.02.2020 - Обновена : 11.02.2020
Церар во Анкара: „Словенија го поддржува членството на Турција во ЕУ“ Фото: Cem Özdel/AA

АНКАРА (АА) - Словенечкиот министер за надворешни работи, Миро Церар, за време на посетата на Анкара изјави дека соработката меѓу Турција и Европската Унија (ЕУ) треба да биде продолжена и во иднина, додавајќи дека Словенија го поддржува членството на Турција во европскиот блок, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Сметаме дека блиската соработка меѓу Турција и ЕУ треба да биде зголемена и продолжена и во иднина“, изјави Церар на прес-конференцијата по состанокот со турскиот колега Мевлут Чавушоглу и по состанокот меѓу делегациите на двете земји.

Веднаш на почетокот од обраќањето изрази сочувство до семејствата на жртвите во неодамнешниот земјотрес во Елазиг и лавината во Ван.

Тој истакна дека со Чавушоглу разговарале за билатералната соработка, за Западен Балкан, односите со ЕУ и случувањата на Блискиот Исток, напоменувајќи дека Словенија и Турција имаат многу добри односи на сите полиња.

„На Турција сакам да ѝ се заблагодарам на помошта од 100.000 долари во нашиот фонд наменет за активностите за отстранувањето на мините, за помошта и поддршката“, изјави словенечкиот шеф на дипломатијата.

Потсетувајќи дека двете земји во 2011 година ги подигнале билатералните односи на ниво на стратешко партнерство, тој истакна дека Турско-словенечката заедничка економска комисија (JEC) дава посебен придонес во јакнењето на трговските односи меѓу двете земји.

Тој нагласи дека двете земји, исто така, се согласни додатно да ја зголемат трговската размена, напоменувајќи дека посебен потенцијал постои во областите како што се енергетиката, логистиката, градежништвото, ИТ, туризмот и културата.

„Словенија станува сè поважна земја за турските инвеститори. Деловниот форум што ќе се одржи утре исто така е важна прилика за понатамошна проценка на овој економски потенцијал и воспоставување ново партнерство“, изјави Церар.

Тој истакна исто така дека неговата земја го поддржува патот на Турција кон Европската Унија.

„Посебно ги цениме успешните активности кои Турција ги спроведува во врска со управувањето со миграциите. Турција, секако, ја гледаме како важен регионален актер“, изјави Церар и додаде дека е убеден оти Турција и ЕУ можат да пронајдат заеднички јазик по прашањето за соработка и јакнење на односите.

„Словенија го поддржува членството на Турција во ЕУ“, изјави Церар, нагласувајќи дека Словенија и во иднина ќе игра ефикасна улога во воспоставување доверба и подигање на односите меѓу Турција и ЕУ на повисоко ниво.

Тој истакна дека Словенија секогаш ја поддржувала политиката на проширување на ЕУ, како и членството на Турција во европскиот блок, додавајќи дека е многу важно на патот кон Брисел да ги исполни сите потребни услови и критериуми што се поставуваат пред една земја.

На крајот изјави дека стратешкото партнерство меѓу двете земји додатно го овозможува јакнењето на блиската соработка меѓу Словенија и Турција.

„Токму поради тоа можеме подобро да ја разбереме позицијата и потребите на Турција. Ќе ја продолжиме нашата поддршка за Турција и кога ќе претседаваме со ЕУ. ЕУ сакаме да ја видиме како едно семејство. Време е да дејствуваме заедно и да спроведеме голем број реформи. Верувам дека полека се движиме во вистинска насока“, изјави Церар.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.