Kerem Kocalar
23 Октомври 2016•Ажурирај: 24 Октомври 2016
ГАЗИАНТЕП (АА) - Министерот за надворешни работи на Франција, Жан-Марк Aјро, при посетата на бегалскиот камп во Газиантеп, Турција, рече дека е важно да се донесе мир во Мосул и да се зачува верската и етничката разноликост во Ирак, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот за надворешни работи на Франција, Жан-Марк Aјро, на aeродромот во Газиантеп говореше за операцијата за ослободување на Мосул, војната во Сирија и за бегалската криза.
Францускиот министер додаде дека Франција, како земја што се бори против тероризмот и терористичката организација ДЕАШ, е свесна за важноста на борбата за Мосул.
„Тоа е голем град со население што живее во тешки услови. Треба тоа население и Ирак да ги спасиме од ДЕАШ. Сите заедно можеме да се заштитиме од тероризмот“, рече Aјро.
Тој посочи дека причината за неговата посета на Газиантеп е потребата да се подготви патот за управување со Мосул, почитувајќи го секој и зачувувајќи ја етничката и верската разноликост во Ирак.
Министерот Aјро додаде дека во рамките на посетата на Турција сака да го посети и бегалскиот камп во Низип, во Газиантеп.
Според него, Обединетите нации (ОН), Европската унија (ЕУ) и Франција многу придонесуваат за решавање на мигрантската криза, но Турција е земја која прифатила најмногу бегалци до сега.
„Знам дека сириските бегалци во Турција, Јордан, Ирска, Франција и Германија, се надеваат дека еден ден во мир ќе се вратат во Сирија“, рече Aјро кој додаде дека во Газиантеп ќе се сретне со неколку сириски бегалци.
Aјро потсети дека Халеп се наоѓа 50 километри од аеродромот во Газиантеп.
„Продолжува уништувањето на градот и масовното масакрирање на населението во Алепо. Ако сакаме сириските бегалци еден ден да се вратат дома, мора да сториме сé што е во наша моќ да го запреме овој масакр“, рече Aјро, додавајќи дека е потребно што поскоро да се започне со преговорите и да се постигне политичко решение, кое не е можно ако бомбардирањето продолжи.
Францускиот министер смета дека е неопходно прво да запре бомбардирањето и да се овозможи достава на хуманитарна помош.
„Дојдов тука за да кажам дека продолжувањето на војната не е решение. Дојдов за да ја поделам пораката на солидарност со Турција, Сирија, со луѓето од Алепо“, рече Aјро кој додаде дека за ситуацијата во Ирак и Сирија ќе разговара со турските власти.