Турција

Фидан: „Секоја израелска провокација може повторно да ја разгори војната“

- Клучно е договорот да се спроведе без никакви прекини, рече шефот на турската дипломатија

Mehmet Şah Yılmaz, Sümeyye Dilara Dinçer  | 10.10.2025 - Обновена : 10.10.2025
Фидан: „Секоја израелска провокација може повторно да ја разгори војната“

АНКАРА (АА) – Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан во петокот повика на строго почитување на договорот за прекин на огнот меѓу Хамас и Израел, предупредувајќи дека секоја израелска провокација може повторно да ја разгори војната и да ги продлабочи страдањата на цивилите, известува Анадолу.

„Клучно е договорот да се спроведе без никакви прекини“, рече Фидан на заедничката прес-конференција со ирачкиот министер за надворешни работи Фуад Хусеин во Анкара.

„Не смее да има провокации од страна на Израел кои би ја разгореле војната, би го продолжиле геноцидот или дополнително би ги раселиле цивилите“, додаде тој.

Договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас беше постигнат рано наутро во четврток во египетското одморалиште Шарм ел Шеик, врз основа на план од 20 точки презентиран од американскиот претседател Доналд Трамп.

Првата фаза од планот вклучува итно прекин на огнот, ослободување на заложниците и затворениците, повлекување на израелските сили на договорената линија во Газа и испорака на хуманитарна помош на енклавата.

Втората фаза предвидува воспоставување нова структура на управување во Газа без учество на Хамас, формирање на безбедносни сили составени од Палестинци и војници од арапските и исламските земји и разоружување на Хамас. Исто така, предвидува финансирање на новата администрација и реконструкција на Појасот Газа од страна на арапските и исламските земји, со ограничена улога за Палестинската самоуправа.


- „Процесот бара постојано внимание“

Фидан рече дека условите на договорот се финализирани по долги преговори и опфаќаат клучни прашања како што се внесувањето на хуманитарна помош, враќањето на раселените Палестинци и повлекување на израелските сили на договорените позиции.

„Имплементацијата на овие мерки е исклучително важна“, нагласи Фидан, додавајќи дека Турција обезбедува и техничка помош на терен и дипломатска поддршка на меѓународно ниво за да се обезбеди одржување на договорот.

Тој нагласи дека успешното спроведување на првата фаза ќе го отвори патот за следните чекори од мировниот процес, со цел постигнување трајна стабилност и на крајот решение со две држави.

„Доколку процесот застане, тоа би можело да значи враќање кон масакрите“, предупреди Фидан и додаде:

„За да го спречиме ова, работиме со меѓународната заедница и нашите регионални партнери за да обезбедиме следните фази да продолжат без прекин.“

Фидан рече дека моменталниот фокус е на спроведување на прекинот на огнот, ослободување на заложниците и олеснување на испораката на хуманитарна помош.

„Следната фаза се занимава со управувањето со Газа и воспоставувањето внатрешна безбедност“, додаде тој.

„Овој процес бара постојано внимание и посветеност“, заклучи Фидан. „Ќе продолжиме да го спроведуваме внимателно и решително, како што правевме и досега.“

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.