Sertaç Bulur
07 Декември 2019•Ажурирај: 09 Декември 2019
АНКАРА (АА) - Приведени се 10 од 29 осомничени лица за кои е донесена одлука за притвор во рамки на истрагата реализирана од Главното републичко обвинителство во турскиот главен град, Анкара, против таканаречената „европска структура“ на терористичката организација ФЕТО, внатре, во турското Министерство за надворешни работи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Како резултат на извршените анализи од полициските тимови во Анкара во врска со содржината на допишувањата во мобилната апликација „БајЛок“, откриено е дека едно лице, кое е активно вработено во Министерството за надворешни работи на Турција, ја користело оваа апликација.
Исто така, во рамките на оваа истрага е откриено дека е формирана група на „БајЛок“ под името „Pazarmalacılar“ (трговци) од страна Е.Ш., „таен имам“ на ФЕТО во ова министерство.
Овие податоци беа споделени со надлежните во Министерството за надворешни работи, а потоа со информациите добиени од ова министерство беше откриен идентитетот на останатите припадници на ФЕТО што биле во оваа група.
Меѓу осомничените, чиј идентитет беше откриен, се наоѓаат лица кои работеле во амбасадите на Турција во Ријад, Берлин и Париз, како и лица кои претходно работеле во турските амбасади во Европа, а потоа нивната работа ја продолжиле во Анкара.
Од друга страна, меѓу осомничените е откриено и лице со двојно државјанство, односно со турско и германско државјанство, што живее во Германија и имало контакт со секого во групата на „БајЛок“. Се претпоставува дека ова лице е одговорното лице на ФЕТО за Европа.
Секоја фаза од оваа истрага, што траеше четири месеци, беше извршена тајно.
По добиената информација дека тројцата осомничени вработени во турските амбасади во Ријад, Берлин и Париз, се вратиле во Анкара, Главното републичко обвинителство во Анкара донесе одлука за притвор на 29 лица.
Во согласност со оваа одлука, тимовите изутрина почнаа со операции во Анкара, Истанбул и Бурса, во чии рамки се приведени 10 осомничени, од кои 5 лица се активни вработени, меѓу кои се и тројца вработени на различни позиции во амбасадите во странство.
Започнат е процесот за испрашување на приведените лица.
Безбедносните тимови внимателно продолжуваат со операциите против осомничените лица во европската структура на ФЕТО/ПДЈ.