Ayşe Hümeyra Atılgan
18 Октомври 2016•Ажурирај: 19 Октомври 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку 61 полициски службеник се уапсени откако денес беа изнесени пред Судот во Истанбул, поради користење на апликацијата за паметен телефон којашто се поврзува со обидот за државен удар од 15 јули, јавува Anadolu Agency (AA).
Осомничените, кои наводно ja користeле апликацијата „БајЛок“ (ByLock) за испраќање пораки во текот на обидот за државен удар, се товарат дека се припадници на терористичката организација (ФЕТО).
„БајЛок“ е апликација за испраќање пораки. Се смета дека таа е користена од страна на припадниците на терористичката организација ФЕТО.
Апликацијата е пробиена од страна на турските безбедносни служби уште пред државниот удар, што ги натера учесниците во заговорот да се префрлат на апликацијата за пораки WhatsApp но не пред да бидат идентификувани десетици илјади осомничени лица на ФЕТО.
Од канцеларијата на истанбулскиот главен јавен обвинител беше побарано осомничените да бидат уапсени, вклучувајќи и еден шеф на полиција и заменик-шеф на полиција.
Истанбулскиот кривичен суд нареди тие да бидат уапсени, а да бидат ослободени четворица други кои беа под судска контрола и забрана за нивно напуштање на земјата.
Претходно, врз основа на истите обвинувања беа уапсени 99 полициски службеници.
Предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во САД, терористичката организација ФЕТО се товари за организирање на заговорот за државен удар, како и за водење долготрајна кампања за соборување на државата преку инфилтрирање во турските институции, особено во војската, полицијата и во судството.
Обидот за државен удар на 15 јули во Турција остави зад себе 241 жртви и околу 2.200 повредени.