Турција

Турција има 531 плажа со „Сино знаме“

Турција е трета земја во светот според бројот на плажи со сини знамиња, по Шпанија и Грција, а министерот Ерсој нагласи дека Турција има за цел во 2023 година да биде прва

Eda Özdener  | 20.05.2022 - Обновена : 21.05.2022
Турција има 531 плажа со „Сино знаме“

АНКАРА (АА) – Министерот за култура и туризам на Република Турција, Мехмет Нури Ерсој, изјави дека Турција и оваа година ја задржала својата позиција во врвот на светската листа според бројот на плажите наградени со „Сино знаме“, информирајќи дека бројката на плажите кои ги исполнуваат зададените стандарди е зголемен на 531, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Според соопштението што го објави турското Министерство за култура и туризам, министерот Ерсој дал коментар за доделувањето на „Сино знаме“ на плажите за 2022 година од страна на Меѓународната фондација за еколошка едукација (FEE), со седиште во Копенхаген, главниот град на Данска.

Посочувајќи дека Турција е трета земја во светот според бројот на плажи со сини знамиња во светот, по Шпанија и Грција, министерот Ерсој истакнал дека Турција и оваа година успешно го задржала местото на светската ранг-листа.

Информирајќи дека бројот на наградени плажи во Турција годинава е зголемен на 531, министерот Ерсој нагласи дека имаат за цел во 2023 година да бидат први по број на плажи во светот меѓу земјите што го имплементираат меѓународното Сино знаме.

Ерсој соопшти дека и на јавните плажи што ги пуштија во употреба во Анталија и Мугла оваа година ќе се вее Сино знаме, при што пет јавни плажи во Анталија и една јавна плажа во Мугла се наградени со Сино знаме.

– Езерото Изник ​​го доби своето прво Сино знаме –

Според наградите „Сино знаме“ што ги доделува Меѓународната фондација за еколошка едукација, во 2022 година наградите „Сино знаме“ им се доделени и на 24 марини, 15 туристички чамци и 5 индивидуални јахти во Турција, додека бројот на наградените плажи од минатогодишните 519, оваа година е зголемен на 531.

Јавната плажа Инџиралти, која се наоѓа на езерото Изник ​​во подрачјето на Бурса, годинава за првпат беше наградена со Сино знаме.

Во областа Анталија 229 плажи имаат Сино знаме, во Мугла 111, во Мерсин 11, а Киркларели и Сакарја имаат две плажи на кои се виори Сино знаме.

Измир, Баликесир, Самсун, Чанаккале, Коџаели, Бартин, Истанбул, Орду и Ван ги сочуваа минатогодишните бројки.

Јавните плажи на Министерството за култура и туризам, Лара 1 и Лара 2 во Анталија, во Манавгат, Белдиби и Чамјува и јавната плажа Ичмелер во Мармарис оваа година се наградени со Сино знаме.

Детали за овогодишните награди може да се најдат на веб-страницата на Турската фондација за еколошка едукација (TÜRÇEV), која е основана во 1993 година како национална координација на програмата „Сино знаме“ под раководство на министерот за култура и туризам на Република Турција, http://www.mavibayrak.org.tr/

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.