Davut Demircan
09 Декември 2019•Ажурирај: 10 Декември 2019
АНКАРА (АА) - Речиси 3.250 нерегуларни мигранти беа задржани низ Турција во текот на изминатата недела, покажуваат податоците што ги доби Агенција Анадолија (АА) од безбедносни извори.
Турските безбедносни сили задржаа околу 1.300 мигранти во северозападната турска област Едрене, која граничи со Грција и Бугарија.
Според локалните извори во Едрене, Грција ги интензивирала напорите за испраќање на нерегуларните мигранти во Турција, прекршувајќи ги Женевските конвенции, Европската конвенција за човекови права и Конвенцијата на Обединетите нации (ОН) против тортура.
Во северозападните области Киркларели и Текирдаг од страна на безбедносните сили задржани се над 180 мигранти.
Во Мугла, Чанаккале, Измир, Баликесир и Ајдин на западниот брег на Турција, турската Крајбрежна стража и силите на жандармеријата фатија речиси 1.600 мигранти.
Турција претставува клучна транзитна точка за нерегуларните мигранти кои имаат за цел да дојдат во Европа за да започнат нов живот, особено оние што бегаат од војна и прогон.
Безбедносните сили, исто така, фатија околу 140 нерегуларни мигранти во источните и јужните делови на Турција, вклучувајќи ги и областите Килис и Хатај, кои граничат со Сирија.
Меѓу мигрантите има државјани на Сирија, Ирак, Иран, Мароко, Египет, Јемен, Либија, Палестина, Авганистан, Пакистан, Бангладеш, Сомалија, Мали, Ангола, Јужна Африка, Конго и Либан.
Сите мигранти кои се задржани изминатата недела, или се хоспитализирани или се пренесени во обласните канцеларии за миграции.
Според турското Министерство за внатрешни работи, во 2018 година во Турција задржани се околу 268.000 нерегуларни мигранти.
Турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, соопшти дека речиси 337.000 нерегуларни мигранти се задржани досега оваа година.