Zafer Fatih Beyaz
22 Октомври 2025•Ажурирај: 22 Октомври 2025
ДОХА/ИСТАНБУЛ (АА) — Турција и Катар денес потпишаа серија договори и заедничка декларација како дел од 11-тиот состанок на Високиот стратешки комитет Турција - Катар, јавува Анадолу.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и емирот на Катар, Тамим бин Хамад ал Тани, присуствуваа на потпишувањето на неколку договори меѓу двете земји откако копретседателствуваа со 11-тиот состанок на Високиот стратешки комитет во Доха.
Претходно, двајцата лидери остварија тет-а-тет средба, а беа одржани и разговори меѓу делегациите во административната канцеларија на емирот (Амири Диван).
„Заедничката декларација од 11-тиот состанок на Високиот стратешки комитет меѓу Република Турција и Државата Катар“ ја потпишаа турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан и катарскиот премиер и министер за надворешни работи шеикот Мухамед бин Абдулрахман ал Тани.
„Меморандумот за разбирање меѓу Претседателството за стратегија и буџет на Република Турција и Владата на Државата Катар за соработка и споделување искуства во различни области на стратешко планирање на развојот“ го потпишаа турскиот министер за трезор и финансии Мехмет Шимшек, министерот за трговија Омер Болат и генералниот секретар на Националниот совет за планирање на Катар, Абдулазиз бин Насер ал Калифа.
„Заедничката министерска изјава меѓу Министерството за трговија на Република Турција и Министерството за трговија и индустрија на Државата Катар“ ја потпишаа министерот за трговија, Омер Болат, и катарскиот министер за трговија и индустрија, шеикот Фајсал бин Тани ал Тани.
„Меморандумот за разбирање за соработка во областа на одбранбената индустрија“ го потпишаа претседателот на Агенцијата за одбранбена индустрија на Турција, Халук Ѓорѓун, и катарскиот заменик-премиер и државен министер за одбрана, шеикот Сауд бин Абдулрахман бин Хасан бин Али ал Тани.
По официјалната посета на Катар, турскиот претседател Ердоган и неговата делегација заминаа за Оман, последната станица од тридневната турнеја низ Персискиот Залив.