Турција

Турција и Велика Британија потпишаа „значаен“ договор за авионите „Јурофајтер“

- Претседателот Реџеп Таип Ердоган договорот го опиша како „нов симбол на стратешките односи меѓу Турција и Велика Британија“ што ќе отвори пат за заеднички одбранбени проекти

Beril Çanakcı, Serdar Dincel  | 27.10.2025 - Обновена : 27.10.2025
Турција и Велика Британија потпишаа „значаен“ договор за авионите „Јурофајтер“

ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и британскиот премиер Кир Стармер денес потпишаа договор за соработка за борбените авиони „Јурофајтер Тајфун“ во Анкара, означувајќи нова пресвртница во билатералните одбранбени односи, известува Анадолу.

По потпишувањето на договорот двајцата лидери одржаа заедничка прес-конференција на која претседателот Ердоган договорот го опиша како „нов симбол на стратешките односи меѓу Турција и Велика Британија“, тврдејќи дека тој ќе отвори пат за заеднички одбранбени проекти.

Зборувајќи на заедничката прес-конференција, Стармер рече:

„Ова ќе ја зајакне безбедноста во НАТО, ќе ја продлабочи нашата билатерална одбранбена соработка и ќе го поттикне економскиот раст тука и во Обединетото Кралство, обезбедувајќи 20.000 британски работни места, градејќи ги овие најсовремени борбени авиони“.

Турскиот министер за национална одбрана, Јашар Ѓулер, изјави дека Турција планира да набави авиони „Јурофајтер Тајфун“ од неколку земји, вклучувајќи 20 од Велика Британија и по 12 од Катар и Оман.

Министерот Ѓулер разговараше со новинарите по состанокот меѓу Ердоган и Стармер, истакнувајќи дека авионите од Катар потенцијално би можеле да пристигнат на почетокот од следната година.


- Билатерални односи

Стармер и Ердоган го објавија лансирањето на првата рамка за билатерална соработка меѓу Велика Британија и Турција.

Стармер тоа го нарече „значаен момент што ја одразува растечката длабочина и ширина на нашата постоечка соработка и нашата амбиција да одиме понатаму“.

Претседателот Ердоган во обраќањето на прес-конференцијата истакна:

„Ние сме посветени на зголемување на обемот на нашата трговија со Обединетото Кралство, првично 30 милијарди долари, а на крајот на 40 милијарди долари. Решени сме да ги зајакнеме нашите економски врски.“

Претходно, британскикот премиер Стармер беше пречекан со официјална церемонија од претседателот Ердоган во претседателскатата палата во Анкара. Стармер ја посети Турска индустрија за воздухопловство и вселена (ТУСАШ) за брифинг на турскиот борбен авион КААН, произведен од турски ресурси, и го прегледа авионот „Јурофајтер Тајфун“ вклучен во договорот.


- Газа

Во врска со регионалните прашања, Ердоган ѝ честиташе на Велика Британија за нејзината одлука да ја признае државата Палестина, нарекувајќи ја „храбар чекор кон решение за две држави“.

Во врска со прекинот на огнот во Газа, турскиот претседател рече:

„Наша колективна одговорност е да го почитуваме прекинот на огнот во Газа. Израелската влада мора да биде воздржана.“

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.