Cankut Taşdan,Sertaç Bulur
09 Јули 2018•Ажурирај: 09 Јули 2018
АНКАРА (АА) - Во антитерористичките акции организирани од 2 до 9 јули во Турција се неутрализирани 40 терористи, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерството за внатрешни работи на Турција соопшти дека припадниците на безбедносните сили во споменатиот период организирале 1.985 акции.
Под сомнеж дека им помагале на терористите на ПКК, приведени се 88 лица, поради поврзаност со ДЕАШ 51, а во рамките на борбата против терористичката организација ФЕТО се приведени 885 лица. За време на борбата против левичарските терористички организации приведени се три лица.
Во реализираните планирани акции приведени се 4.341 лица, од кои 1.027 поради поврзаност со тероризам, 47 поради илегални миграции, и 3.267 поради трговија со дрога и криумчарење.
Во акциите на припадниците на безбедносните сили се неутрализирани 40 терористи, од кои 25 се убиени, двајца заробени, а 13 се предале.
Меѓу неутрализираните терористи се наоѓа и Серкан Тан, со кодно име Сердар, за кој имало зелена потерница.
Во Тунџели и Хакќари се уништени шест засолништа, скривници и пештери и три мини и експлозивни средства од домашна изработка.
Припадниците на безбедносните сили запленија 365 килограми експлозив, 23 рачни бомби, 28 парчиња оружје и 1.197 парчиња муниција.
Во акциите против наркомафијата се запленети 562 килограми марихуана, 73 килограми хероин, осум килограми кокаин, 1.053.550 стебленца индиски коноп и поголема количина останати опојни средства.
Кога станува збор за илегалните миграции, фатени се 3.673 лица, од кои 407 во водите на Турција, а поради сомнеж дека организирале илегални премини на границата, приведени се 47 лица.