Mustafa Güngör
22 Септември 2020•Ажурирај: 23 Септември 2020
ИЗМИР
Турската полиција спроведува уште една голема акција за приведување на лицата осомничени за поврзаност со терористичката организација ФЕТО, а од 66 лица за кои е издаден налог, од слобода се лишени 55 осомничени, јавува Агенција Анадолија.
Врз основа на истрагата за инфилтрираните елементи на терористичката организација ФЕТО во адвокатските структури, Кабинетот на Обвинителството во Измир издаде налог за приведување на вкупно 66 осомничени лица.
Постапувајќи по налогот на Обвинителството, турската полиција започна истовремени акции за приведување во 19 големи градови и земји, а досега од слобода се лишени 55 осомничени лица.
Меѓу приведените се 27 адвокати и еден поручник.
Приведените се предадени на надлежните правосудни институции на понатамошно процесуирање, а полициската истрага по преостанатите осомничени е во тек. Утврдено е дека петмина осомничени се наоѓаат надвор од Турција.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на таа терористичка организација, со години, преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, приврзаниците на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и крвавиот неуспешен обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за пуч, што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската Војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.