Burak Bir
19 Декември 2020•Ажурирај: 20 Декември 2020
ГАЗИАНТЕП
Бројот на починати како последица на пожарот што беше предизвикан од експлозија на респиратор на Одделот за интензивна нега во болницата на југоистокот на Турција, зголемен е на 9, соопшти министерот за здравство, Фахретин Коџа, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Несреќниот случај на Одделот за интензивна нега во Газиантеп сите нè потресе. Бројот на настраданите е 9. Внимателно ја следиме состојбата“, напиша министерот за здравство на Турција, Фахретин Коџа, на социјалната мрежа Твитер.
Додаде дека останатите пациенти се превезени во блиските болници.
Потсетуваме, претходно на Одделот за интензивна нега во болницата во Газиантеп дојде до пожар и експлозија на респиратор.
Гувернерот на Газиантеп, Давут Ѓул, рече дека деталите за случајот низ сите димензии ќе ги утврдат Обвинителството и Министерството за здравство, но дека засега се чини дека пожарот избувнал во респираторот.
„Не знаеме што точно се случило, капацитетот на Одделот за интензивна нега е 20 лица, а сместени беа 19“, рече меѓу останатото Ѓул.
Наведе дека е во тек аутопсија, и дека две жртви ќе бидат погребани во Сирт, едно лице во Кахраманмарас, а две лица во Газиантеп.
Деталите во врска со смртта на уште едно лице ќе бидат дополнително познати.