Handan Kazancı
02 Февруари 2022•Ажурирај: 03 Февруари 2022
АНКАРА/ЕДИРНЕ
Најмалку 12 нерегуларни мигранти беа најдени замрзнати до смрт во северозападна Турција откако биле истуркани назад од соседна Грција, соопшти денеска турскиот министер за внатрешни работи, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Дванаесет од 22 мигранти беа истуркани назад од грчките гранични сили, оставени без облека и чевли замрзнале до смрт“, напиша Сулејман Сојлу на Твитер.
„ЕУ е слаба, без решение и без хумани чувства“, рече Сојлу, додавајќи дека додека грчките сили се однесувале како „криминалци“ против луѓето кои биле „жртви“, тие биле толерантни кон членовите на терористичката организација Фетулах, која стои зад поразениот пуч во 2016 година во Турција.
Илјадници членови на таа терористичка група избегаа во Грција по обидот за пуч на 15 јули 2016 година, кој беше организиран од страна на ФЕТО и нејзиниот лидер Фетулах Ѓулен. Во тој пуч загинаа 251 лице и 2.734 беа повредени.
Сојлу сподели неколку фотографии од местото каде што беа најдени нерегуларните мигранти, а лицата на жртвите се заматени.
Канцеларијата на гувернерот на северозападната провинција Едрене соопшти дека телата биле најдени во селото Пасаќој, округот Ипсала, на помалку од 10 километри од грчката граница.
Еден од 12-те мигранти бил пронајден жив од тимовите за пребарување и спасување, но подоцна починал во болница, соопштија од канцеларијата на гувернерот.
„Откако беа спроведени напори за пребарување и спасување во регионот, беа пронајдени мртвите тела од уште двајца мигранти“, се додава во соопштението.
Во претходното соопштение се вели дека истрагата за инцидентот е започната.
Директорот за комуникации на Турција, Фахретин Алтун, го осуди инцидентот.
„Оваа бездушност се случува пред очите на целиот свет“, рече Алтун на Твитер.
Истакнувајќи дека Грција „не е сама во ова злосторство“, Алтун додаде: „Западниот свет не ѝ вели на Грција да престане, спротивно, ја охрабрува.“
„Можеби телата замрзнаа, но човештвото на Запад умре“, додаде тој.
Турскиот заменик-министер за надворешни работи, Јавуз Селим Киран, исто така на Твитер го осуди инцидентот.
„Турција постојано ја предупредува меѓународната заедница за опасните истуркувања на мигранти од страна на грчките крајбрежни власти“, рече Киран.
„Овие истуркувања предизвикаа трагични резултати во време кога температурите се многу ниски. Грција мора веднаш да стави крај на овие незаконски дејствија!“
Турција е клучна рута за транзит за мигранти кои имаат за цел да преминат во Европа и да започнат нов живот, особено оние кои бегаат од војна и прогон.
Турција и меѓународните групи за човекови права неколкупати ја осудија Грција за нелегални дејствија со истуркувања на мигранти, велејќи дека ги крши хуманитарните вредности и меѓународното право со загрозување на животите на ранливите луѓе, вклучително жени и деца.