Beril Çanakcı
10 Октомври 2025•Ажурирај: 11 Октомври 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес предупреди дека секое враќање во „средина на геноцид“ во Газа ќе има „многу висока цена“, поздравувајќи го договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, јавува Анадолу.
Вчераутро во египетскиот Шарм ел-Шеик беше постигнат договор за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, врз основа на планот од 20 точки презентиран од американскиот претседател Доналд Трамп. Првата фаза од планот вклучува итен прекин на огнот, ослободување на заложниците и затворениците, повлекување на Израел на договорената линија во Газа и испорака на хуманитарната помош во Газа, заедно со меѓународна поддршка за обнова.
Говорејќи на церемонијата на отворање нови објекти и проекти во црноморската област Ризе, Ердоган рече дека Турција направила, и ќе продолжи да прави, сè што е можно за да помогне во враќањето на мирот, безбедноста и стабилноста во Газа „што е можно побрзо“.
Осврнувајќи се на договорот за прекин на огнот, Ердоган нагласи дека „најважно сега е да се осигури дека договорот ќе се спроведе буквално“, додавајќи дека Анкара активно ќе придонесе во процесот.
„Нашиот регион, а особено Газа, претрпе доволно крвопролевање, масакри и солзи“, рече тој. „На мирот мора да му се даде шанса и сите акти на саботажа мора да се избегнат.“
Ердоган го опиша договорот како „голем чекор“ кон траен мир и покрај предизвиците што претстојат. „Вратата кон траен мир во Газа е отворена“, рече тој. „Велиме - крај на крвопролевањето.“
Пратеникот на САД за Блискиот Исток, Стив Виткоф, денес објави дека започнал 72-часовниот период за Хамас за ослободување на израелските заробеници во Газа, по договорот за прекин на огнот.
ЦЕНТКОМ потврди дека израелската Армија го завршила повлекувањето во рамките на првата фаза кон жолтата линија. Според договорот, Хамас е должен да ослободи 20 заложници и да врати 28 тела, додека Израел ќе ослободи 250 палестински затвореници кои отслужуваат доживотна казна затвор и 1.700 притвореници приведени од 7 октомври 2023 година.