Efe Özkan
13 Декември 2024•Ажурирај: 13 Декември 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес телефонски разговараше со шефот на Суданскиот суверен совет, Абдел Фатах ал Бурхан, за билатералните односи, како и за регионалните и глобалните прашања, јавува Анадолу.
Ердоган за време на телефонскиот разговор напомена како оваа недела Декларацијата од Анкара за решавање на конфликтот меѓу Сомалија и Етиопија значително придонела за мирот во регионот, се вели во соопштението на турската Дирекција за комуникации.
Велејќи дека и Туркије може да се вклучи во решавањето на споровите меѓу Судан и Обединетите Арапски Емирати, Ердоган ги истакна главните принципи на Туркије, како обезбедување мир и стабилност во Судан, заштита на неговиот територијален интегритет и суверенитет и спречување земјата да стане област на странска интервенција.
Разговарајќи за регионалните случувања со Бурхан, Ердоган рече дека по 13 години хуманитарна криза и граѓанска војна, сирискиот народ е дојден до фазата да одлучува за својата иднина, повторувајќи дека Туркије ќе придонесе за овој процес.
„Туркије го поддржува зачувувањето на политичкото единство и територијалниот интегритет на Сирија и оваа поддршка ќе продолжи да гарантира дека привремената влада презема инклузивни, сеопфатни и правилни чекори, му служи на сирискиот народ и не претставува закана за нејзините соседи“, рече претседателот.
Судан е опустошен од борбите меѓу суданската Армија и Силите за брза поддршка (РСФ) од април 2023 година.
Според проценките на ОН и локалните власти, борбите резултираа со повеќе од 20.000 загинати, а раселени се над 14 милиони луѓе.