Durmuş Genç,Ayşe Yıldız
14 Јули 2022•Ажурирај: 15 Јули 2022
МУГЛА (АА) - Министерот за земјоделство и шумарство на Туркије, Вахит Киришџи, изјави дека шумскиот пожар кој го зафати подрачјето на Дача во југозападната турска област Мугла е ставен под контрола и дека во тек е разладување на опожарениот појас јавува Агенција Анадолија (АА).
Со акции од воздух и копно ставен е под контрола шумскиот пожар во областа Дача во југозападна Туркије.
Министерот Киришџи во изјава за новинарите рече дека во Секторот за стопанисување со шуми успешно се завршени активностите за гаснење на пожарот, во координација со АФАД и поддршка на Генералната управа за шумарство, други јавни институции и организации и невладини организации.
Заблагодарувајќи им се на екипите за нивната успешна работа, Киришџи истакна: „Пожарот е ставен под контрола. Започнаа активностите за намалување на температурата и ќе траат колку што е потребно. Приближно 300 хектари шумска и 400 хектари земјоделска површина се оштетени од пожарот.“
Истакнувајќи дека 3.520 граѓани од 450 домаќинства биле евакуирани од местото на живеење поради претпазливост и дека се пренесени на соодветни места, министерот Киришџи рече дека се оштетени вкупно 10 куќи, од кои 4 претрпеле тешки оштетувања.
„Не изгубивме ни еден човечки живот. Спасени се и животните. За време на активностите, на безбедно се пренесени говедата, овците, козите и кошниците со пчели. Некои граѓани беа погодени од пожарот. Тринаесет од нив се отпуштени од болница, а продолжува лекувањето на 7 лица. Еден наш вработен во Општината се здоби со изгореници од трет степен, но за среќа, тој е вон животна опасност.“
Според првите проценки, причина за пожарот е трансформаторот кој се наоѓа во шумскиот предел во местото Коџадаг во Дача. Во противпожарнтие операции беше вклучен и хеликоптер за ноќно гаснење на пожарот.
Противпожарните бригади и прскалки распоредени на многу точки во округот Месудије спречија пожарот да се приближи до населените места.
Гаснењето на пожарот беше проследено со интензивна интервенција од воздух. Во гаснењето на пожарот учествуваа едно беспилотно летало, 10 авиони, 20 хеликоптери, 179 цистерни со прскалки за вода, 21 возило за прва интервенција, 29 градежни машини и речиси 1.500 работници.
Во гаснењето на пожарот, покрај разни екипи, учество зедоа и 130 волонтери.