Göksel Yıldırım
06 Февруари 2020•Ажурирај: 08 Февруари 2020
АНКАРА (АА) – ЃОКСЕЛ ЈИЛДИРИМ –
Започнува сериското производство на тенкот од средна класа „Каплан МТ“ (Harimau), дизајниран и развиен во Турција за потребите на Индонезија. Во тек се и преговорите за нови можности за извоз на тенкот.
Челникот на турската компанија ФНСС (FNSS), Наил Курт, во разговор за Агенција Анадолија (АА) даде информации за тенкот развиен за одбранбената индустрија на Индонезија.
Потсетувајќи дека договорот за сериско производство на 18 тенка е склучен во последниот ден од минатата година, Курт рече дека започнале со сериско производство на тенкот „Каплан.“
„Нашето очекување од Индонезија е проектот да продолжи со иста брзина. Очекуваме да има дополнителни нарачки оваа година, но и следната“, нагласи Курт. Истакнувајќи дека тенкот „Каплан“ е многу корисен производ, Курт рече дека може да го користат оклопно-механизираните единици, а исто така по потреба и пешадијата.
Курт рече дека во денешната асиметрична воена средина, тенкот, со карактеристиките што ги поседува привлекол внимание кај многу земји.
„Тенкот „Каплан“ е производ со голема ударна моќ, има оклопна заштита, има големи можности за движење. Но, според моќта што ја поседува, претставува производ со релативно ниска цена. Затоа привлекува големо внимание. Има еден ваков концепт кој го започнаа САД во 1970 година, го промовираа во 1980 година, а го тестираа во 1990 година. Потоа се откажаа", истакна Курт.
„Сега во последните 4-5 години повторно дојде на дневен ред. Интересно е тоа што се наоѓа на агендата на Далечниот Исток. Кога прифативме да го развиеме со партнерски компании, под покровителство на двете земји, сите овие податоци ги зедовме предвид", рече Курт и нагласи:
„Проектот не го замисливме само за Индонезија, мислевме дека кога ќе дојде време, тенкот ќе може да се користи за потребите на Турција, а и за пријателските и сојузничките земји. Нема ниту една земја која стои зад оваа инвестиција. Приоритет е Индонезија. Индонезија ги сподели своите потреби, и производот е направен според нив. Голем број земји покажаа интерес за производот. И за нас тоа претставуваше изненадување.“
- Заинтересираност за извоз
Истакнувајќи дека проектот исто така претставува трансфер на технологија, Курт рече дека во рамките на проектот ѝ дале лиценца на Индонезија.
Курт информираше дека во моментот има заинтересираност и од други земји.
„Има сериозна потреба и во две други земји. Една земја се наоѓа во фаза на донесување одлука. Направени се и тестовите. Ако се реализира еден од нив, ќе видиме пример, како заедничкиот производ на две пријателски земји ќе се извезува во трета земја. Тоа ќе биде добар пример и за Турција. Земјите немаат потреба повторно да плаќаат за првите трошоци. Многу е рационален пристапот две-три земји да се поддржат едни со други, да ги споделат трошоците за да развиваат производ“, додаде Курт.