Muhammed Nuri Erdoğan,Hüseyin Cem Dağıstanlı,Enes Yıldırım
24 Декември 2025•Ажурирај: 24 Декември 2025
АНКАРА/ИСТАНБУЛ (АА) – Потрагата и истрагата продолжија и денес на местото на падот на авион во близина на турската престолнина Анкара, во кој се наоѓале началникот на Генералштабот на либиската армија, Мохамед ал-Хадад и делегацијата што го придружувала, јавува Анадолу.
Авионот, кој се урна во вторникот, при што загинаа сите лица што се наоѓале во него, полетал од аеродромот „Есенбога“ во Анкара и бил на пат кон Триполи.
Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја изјави дека остатоците од авионот од типот „Фалкон 50“ биле пронајдени од екипи на жандармеријата на околу 2 километра јужно од селото Кесиккавак, во областа Хајмана.
И покрај обилните врнежи од дожд и густата магла, безбедносните сили успеале во текот на ноќта да ја одредат локацијата на несреќата. Операциите биле интензивирани со разденувањето, при што жандармериските единици го обезбедиле подрачјето и спречиле пристап за цивилното население.
Министерот Јерликаја соопшти дека снимачот на гласови од авионот е пронајден во 2:45 часот, а црната кутија во 3:20 часот по локално време.
Дирекцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби на Турција (АФАД) воспостави мобилен координативен центар на местото на несреќата, каде што се очекува да пристигне и министерот Јерликаја.
Во меѓувреме, Владата на национално единство на Либија прогласи тридневна национална жалост поради загинувањето на началникот на Генералштабот и членовите на делегацијата.