Esra Taşkın,Tuğba Altun
15 Септември 2023•Ажурирај: 19 Септември 2023
ПАРИЗ (АА) - Во рамките на Генералното собрание на Асоцијацијата на европски новински агенции (ЕАНА), одржана вчера во Париз, потпишан е договор за соработка меѓу Агенција Анадолу (АА) и шпанската новинска агенција ЕФЕ, јавува Анадолу.
Пред Генералното собрание на ЕАНА, кое се одржа во Париз, средба одржаа претседателот на Управниот одбор и генерален директор на АА, Сердар Караѓоз, и претседателката на ЕФЕ, Габриела Кањас.
Караѓоз и Кањас потпишаа Договор меѓу АА и ЕФЕ за споделување фотографии и текстови.
Оценувајќи го договорот за соработка по церемонијата на потпишување, Караѓоз изјави: „ЕФЕ е многу ефикасна агенција, особено во регионите и земјите со шпанско говорно подрачје. Оваа соработка меѓу АА и ЕФЕ има цел соработка во регионите во кои и двете агенции немаат свои дописници и новинари. И двете агенции отсега меѓусебно ќе се поддржуваат, особено во поглед на содржината на вестите.“
На Генералното собрание на ЕАНА на кое присуствуваше Караѓоз, Фабрис Фрајс, претседател на француската новинска агенција АФП, именуван е за нов претседател на ЕАНА, додека Клаудија Николае, генерална директорка на Романската национална новинска агенција (AGERPRES), избрана е за членка на Управниот одбор на ЕАНА.
На Собранието се дискутираше и одобрен е годишниот извештај за активностите и буџетот на ЕАНА. Одлучено е состанокот на ЕАНА следната година да се одржи во Португалија.
Караѓоз рече дека новинските агенции од цел свет на вакви средби разменуваат искуства и додаде:
„Како Анадолу, на оваа платформа имавме можност да ги пренесеме нашите искуства, како на француската новинска агенција АФП, така и на другите светски новински агенции, а истовремено ги слушнавме и нивните искуства. Претседателот на АФП (Фабрис Фрајс) е избран за претседател на Здружението на европски агенции, а ние како агенција го поддржавме неговиот избор.“
На Генералното собрание на ЕАНА, исто така, се дискутираше и за претходно суспендираната членка на ЕАНА, руската новинска агенција ТАСС.
Како резултат на гласањето за исклучување на агенцијата ТАСС од членството на ЕАНА, одлучено е нејзиното членство да продолжи.
По тоа прашање Караѓоз рече дека исклучувањето на ТАСС од членството не е прифатено како резултат на гласањето и додаде дека тоа било најважна точка на Собранието.