Ömer Faruk Cebeci
08 Октомври 2022•Ажурирај: 16 Октомври 2022
САКАРЈА (АА) - Во градот Сапанџа во подрачјето на турската област Сакарја се одржува 11. по ред Економски самит Улудаг, на кој се собраа бројни учесници од многу земји, известува Агенција Анадолија (АА).
Економскиот самит „Улудаг 2022“ од 6 до 9 октомври се одржува во познатото турско туристичко место Сапанџа.
Еден од учесниците на самитот е и поранешниот претседател на Франција, Франсоа Оланд, кој на присутните им зборуваше за руско-украинската војна и можните последици.

„Се разбира, зимата ќе ги замрзне операциите, но нема да ја запре војната. Мораме навистина да се запрашаме, дали напролет е можно нешто ново? Дали рускиот лидер Владимир Путин ќе сака да излезе од меѓународната изолација или ќе стори нешто друго?“, рече Оланд во своето обраќање.
Оланд додаде дека и понатаму постои надеж и покрај очигледната загриженост и непријатност што се чувствува низ целиот свет.
Тој истакна дека војната е одлука на рускиот претседател Владимир Путин, напоменувајќи дека окупацијата на Украина го изненадила целиот свет.
„Гледаме дека Украинците и претседателот Владимир Зеленски очекуваат победа. Пред нас се две спротивности, две волји стојат лице в лице и затоа невозможно е да се каже дека овој судир ќе заврши многу бргу“, рече Оланд.
Потсетувајќи на високата инфлација во САД и Европа, Оланд продолжи со зборовите:
„Ваква инфлација не сме имале одамна. Освен инфлација, во моментов имаме и рецесија. Како што знаете, и во САД и во Европа, каматните стапки ќе пораснат уште повеќе и светската економија ќе успори.“

Оланд напомена дека сега трговските и финансиските активности сè повеќе се преместуваат на подрачја поблиски до крајните потрошувачи.
„Туркије во таа смисла пружа голема предност поради својата географска положба. Во Туркије можат да се спроведат многу активности. Поголемиот дел од овие активности досега се спроведуваа во азиските или други држави. Во тој контекст, Европа се соочува со огромен предизвик. За да може да одговори на сите овие предизвици, Европа мора да биде обединета. Туркије треба да ја согледа ситуацијата од оваа перспектива, бидејќи нејзината иднина е во Европа“, рече Оланд.
Економскиот самит Улудаг 2022 е најважен турски деловен и економски самит, што од 2012 година го организираат списанијата „Капитал“, „Економист“ и „СтартАп“.
Самитот секоја година собира голем број угледни личности од економскиот, политичкиот и академскиот живот, кои разменуваат мислења за актуелните економски, политички и општествени теми.