ИСТАНБУЛ
Поранешниот министер за Европската Унија и главен преговарач на Турција, актуелниот шеф на Комисијата за надворешно-политички работи на Големото народно собрание на Турција, Волкан Бозкир, изјави дека синоќешниот избор за претседател на 75. седница на Генералното собрание на Обединетите нации е показател за довербата што ја има Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Бозкир во првата изјава по изборот за АА рече дека тоа воопшто не било лесна кампања, без разлика што бил единствен кандидат, бидејќи три земји воделе контракампања со цел да го загрозат неговиот избор и угледот на Турција.
Истакнувајќи дека со неговиот избор на чело на Генералното собрание на ОН турската политика добила своевидна глобална политичка потврда, Бозкир рече дека во историјата на Република Турција не се случило на вакви избори да се добие поддршка од 178 држави.
„Поддршката на 178 од 192 држави е голем успех. Целиот свет го поддржа мојот избор и од синоќа трае возбудата од тој успех. Јас тоа го гледам како глас на почитување кон мојата земја во светот. За мене и моето семејство тоа е голема чест. Од клучно значење е на таква позиција да се споменува името на нашата држава“, изјави истакнатиот турски дипломат Бозкир.
Истакнувајќи дека генералниот секретар на ОН има голема одговорност и ингеренции, Бозкир рече дека во текот на својот мандат ќе работи на тоа меѓу претседатеот на Генералното собрание, генералниот секретар и Советот за безбедност на ОН да има добри односи и тие меѓусебно да се надополнуваат во работата.
Бозкир рече дека актуелниот генерален секретар на ОН е голем пријател на Турција и дека најавил дека со него ќе биде во постојан контакт и ќе ги координираат активностите на ОН.
Најавувајќи дека ќе се состанува и со претставниците на државите и во помали групи, Бозкир рече дека три до четири дена во неделата на доручек ќе ги собира амбасадорите на 10 до 15 држави. Тој исто така најави дека ќе го намали персоналот на Кабинетот кој брои 42 меѓународни соработници.
Бозкир во моментов важи за новоизбран претседател на новата седница на Генералното собрание и доби канцеларија во ОН. Тој изјави дека до преземањето на мандатот ќе биде во постојан контакт и консултации со претседателот во заминување.
Заблагодарувајќи му се на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган и на шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, Бозкир рече дека бил единствен кандидат од Западната група која брои 30 држави и дека тоа е редок случај кој само го потврдува угледот што го ужива Турција во светот.
„Додека во една пригода, кога бев министер за ЕУ, седевме во салата на Генералното собрание, нашиот претседател Ердоган праша кој е претседател на Генералното собрание. Одговорив ’Аргентина‘, а тој запраша ’А зошто тоа да не сме ние?‘ Тогаш, во септември 2014 година, со указ на претседателот, со министерот за надворешни работи тргнавме во кампања. Претседателот Ердоган подоцна рече јас да бидам кандидат и еве, тука сум. Ништо не се случува во еден ден, месец, година. Ова беше долгорочен план“, рече Бозкир.
Истакнувајќи дека кампањата била тешка, особено откако Грција го прекина предизборниот молк, Бозкир рече дека Турција кампањата ја водела едногласно и одлучно, и тоа со посредство на онлајн платформа.
Коментирајќи ја актуелната пандемија на Ковид-19, Бозкир рече дека таа ги изненадила сите во светот и дека имала многу тешки последици врз здравјето на луѓето и економијата.
Потсетувајќи дека Генералното собрание на ОН веќе три месеци не било во можност да одржи седница, Бозкир рече дека тоа е погрешно и дека би требало Обединетите нации да заседаваат на некој начин како парламентите, почитувајќи ги превентивните мерки на растојание и носењето маски.
Бозкир рече дека годинава нема да има самит на највисоко ниво во Генералното собрание, бидејќи во тој случај се работи за собир од 10.000 луѓе, дека се планира седницата да се одржи на онлајн платформа.
„Одлучивме седницата на Генералното собрание да биде во Генералното собрание и на местата на членките да биде по еден претставник од секоја земја. Претседателот ќе ги повикува лидерите на земјите за обраќање, а тие ќе се појават на екранот. Доколку дополнително се стекнат услови за одржување на седницата на која би можеле да дојдат и лидерите, тоа сигурно ќе го организираме, бидејќи оваа онлајн седница не значи дека сѐ сме завршиле“, истакна Бозкир.
news_share_descriptionsubscription_contact
