Ali Murat Alhas
11 Февруари 2022•Ажурирај: 11 Февруари 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, вчера беше негативен на тестот за Ковид-19, откако минатата недела се зарази со коронавирусот, и повеќе нема симптоми на болеста, рече неговиот лекар Серкан Топалоглу, јавува Агенција Анадолија (АА).
Лекарот за АА потврди дека претседателот на Турција немал никакви симптоми на коронавирусот во изминатите неколку дена, а дека неговата сопруга Емине имала многу благи симптоми.
„ПЦР-тестовите кои ги направивме во последните два дена беа негативни. Мислам дека нашиот претседател многу брзо ќе се врати на својата рутина, дури и утре“, изјави Топалоглу вчера.
Напоменувајќи ја важноста на вакцините во процесот на закрепнувањето на Ердоган, Топалоглу рече:
„Мислиме дека вакцините се дефинитивно многу ефикасни. Ставот на нашиот претседател за вакцините беше многу јасен уште од почетокот на пандемијата.“
Додаде дека претседателот е еден од првите луѓе кои се вакцинираа против Ковид-19 во Турција.
Ердоган на Твитер објави дека резултатите од неговото тестирање биле негативни во последните два дена.
„Сакам да изразам благодарност на моите браќа и сестри кои нѐ поддржаа со молитви и убави пораки од целата земја и светот“, наведе тој.
Шефот на Канцеларијата за комуникации при Кабинетот на претседателот на Турција, Фахретин Алтун, објави дека Ердоган закрепнал од коронавирусот и потврди дека претседателот ќе продолжи со својата работа од денес.