Мајстор од Едрене 47 години посветен на изработката на традиционалниот инструмент ќемане
- „Изработката на ќемане бара исклучително фина и прецизна рачна работа. Тука се прават пресметки со точност во микрони... За жал, и во нашава професија веќе не се обучуваат чираци“
Cihan Demirci
29 Мај 2026•Ажурирано: 29 Мај 2026
photo: Cihan Demirci / AA
ЕДРЕНЕ
Мајсторот за правење на традиционалниот инструмент ќемане, Газанфер Денизери, од турскиот град Едрене, веќе 47 години неуморно го работи својот занает во историската чаршија на градот, јавува Анадолу.
Овој 62-годишен мајстор го започнал својот занает како чирак во дуќанот за музички инструменти што неговиот татко го отворил во далечната 1955 година во историската чаршија Алипаша.
Оттогаш, цели 47 години, Денизери се посветува на рачната изработка и поправката на ќемане.
Иако со љубов го прави финото штимање и одржувањето на голем број музички инструменти, Денизери се жали дека денес веќе не може да најде чираци кои би го продолжиле овој традиционален занает.
Фотографија : Cihan Demirci/AA
Во разговор со Анадолу, Денизери раскажа дека изработува уникатни ќеманиња, обликувани специјално според желбите и барањата на неговите муштерии.
Истакнувајќи дека раѓањето на еден ваков инструмент е исклучително макотрпна работа, Денизери вели:
„Изработката на ќемане бара исклучително фина и прецизна рачна работа. Тука се прават пресметки со точност во микрони. Главно се изработува од сушена тиква лејка. Се користат и кокосови ореви и некои други материјали, но најтоплиот звук и најубавата нијанса на тонот се добиваат токму од сушената тиква лејка.“
Тој објаснува дека долги години свирел баглама, но во тој процес во него се родил голем интерес токму кон ќемането, па со текот на времето, со многу трпение, научил и како самиот да го прави овој инструмент.
Фотографија : Cihan Demirci/AA
- „За жал, и во нашава професија веќе не се обучуваат чираци“ -
Со сето срце сакал да им го пренесе овој занает научен од татко му на своите деца, но тие не покажале никаков интерес за тоа.
„Секој уметник, секој мајстор сонува занаетот што го создава со свои раце да премине на идните генерации. Ова често го слушаме, но за жал, и во нашиов занает веќе не се раѓаат и не се обучуваат нови чираци. Се надевам дека ова парче уметност нема еден ден сосема да исчезне. Покрај ова, можам да изработувам и неј (традиционален кавал), тапани и бендир. Ги правам и најситните и најфините штимања и поправки на сите инструменти што ќе ми дојдат во рака“, вели тој.
Споделувајќи ја радосната вест дека во последните години сепак расте интересот кај младите за звукот на ќемането, Денизери истакна дека годишно изработува околу 10 вакви инструменти.
На крајот, мајстор Денизери ги откри тајните на својот занает, истакнувајќи дека при изработката на овој инструмент, покрај сушената тиква лејка, за вратот и телото на инструментот користи и цврсто габерово дрво, како и орев и јавор, додека за звучната мембрана користи фина рибја или тенка јагнешка кожа.