Турски музичар со виолина стара 120 години ја чува културната традиција на својот крај
- Кахраман, освен што изведува тој и компонира народни песни, и ниту за миг не се одвојува од виолината, за која верува дека е стара најмалку 120 години
Emin Alper, Burcu İnanır
29 Мај 2026•Ажурирано: 29 Мај 2026
photo: Emin Alper / AA
Türkiye, Bursa
Муслум Кахраман, кој живее во округот Орханели во турската област Бурса, веќе 73 години не ја испушта од раце својата виолина, на која почнал да свири уште од детство, пишува Анадолу.
Кахраман, роден 1938 година во планинското село Дагѓунеј, музичкиот пат го започнал на седумгодишна возраст свирејќи зурла додека ги пасел животните. Подоцна, на 15 години, научил да свири виолина, па многу години свирел и на свадби.
Иако се занимавал со земјоделство, Кахраман со песните што ги пренесува од минатото до денес дава бесценет придонес во зачувувањето на културните вредности на својот крај. Овој благороден човек, кој компонира и народни песни, ниту за миг не се одвојува од виолината, за која верува дека е стара најмалку 120 години, а во последно време својата уметност ја создава во топлината на домот.
– „Одев по села и 35 години свирев на свадби“ –
Во разговорот за Анадолу, Муслум Кахраман раскажува дека додека работел како земјоделец свирел и на свадби.
Истакнувајќи дека музиката секогаш била дел од неговиот живот, Кахраман вели: „Почнав со зурла, а потоа си купив виолина. Цели 35 години одев по села и свирев на свадби. Оттогаш, па сè до денес, еве ја виолината, сѐ уште е во моите раце. Станавме како браќа.“
Фотографија : Emin Alper/AA
Кахраман објаснува дека во минатото на свадбите најмногу се свирело на зурла бидејќи тогаш на чалгии и гудачки инструменти не се свирело на улица: „Многу свиревме на зурла затоа што порано свадбите се одржуваа во зима. Нежниот звук на виолината не личеше за надвор на студот. На отворено главно се слушаа тапаните и зурлите. А внатре, во собите, свиревме на чалгии, свиревме на виолина. Подоцна се појави кларинетот. Свадбите некако се поместија во лето, па почна многу да се свири и надвор.“
Кахраман вели дека во текот на својот долг живот работел најразлични работи, но музиката никогаш не ја извадил од срцето, па веќе дури и не ги брои своите компонирани песни.
- Ги опеал настаните што се случиле во неговиот крај -
Со своите композиции Кахраман им давал глас на настаните што ги преживеал или на кои сведочел во својот крај.
„Во едно село во Орханели една девојка ја ветиле за некое момче. Но во тоа момче била вљубена друга девојка од селото. Момчето ја оставило свршеницата и ја зело другата. А девојката со која се разделил ја омажиле во соседното село. Ноќта кога таа станала невеста во соседното село, дошло до недоразбирање, па ѝ рекле: 'Ти не си за кај нас' и ја избркале. Ѝ рекле: 'Патот за вашето село води оттука.' А патиштата меѓу селата биле планински, со шуми и потоци. Девојката се плашела да помине преку потокот. Се засолнила во една штала и чекала да се раздени. Во шталата пеела тажни песни и плачела. Чекала да изгрее сонцето. Ете, јас ќе ви ја испеам маката што ја претрпело тоа дете. Овој настан го преточив во композиција.“
Турски музичар со виолина стара 120 години ја чува културната традиција на својот крај