Студенти од Турција наместо со класични бои создаваат уметнички слики од стари ткаенини
- „Нашите спомени нѝ се таму, пред очи. Никогаш не излегуваат од нашиот живот, но не како парче облека, туку како уметничко дело пред нашите очи.“
Hatice Diler
29 Мај 2026•Ажурирано: 29 Мај 2026
photo: Hatice Diler / AA
ТРАБЗОН
Студенти од Универзитетот во Трабзон, Турција, ја истакнуваат важноста на рециклирањето преку уметнички слики кои ги изработуваат со парчиња стара ткаенина, користејќи ги нивните природни бои наместо класични бои за сликање, јавува Анадолу.
Махмуде Озер, која ги заврши своите магистерски студии на Факултетот за ликовни уметности под менторство на професорката Шенај Баш, започна проект за рециклирање и повторно искористување на старите ткаенини.
Озер, која уште од детството научила од својата мајка како да ги рециклира отпадните ткаенини со помош на техниката „парче по парче“ (крпеница), во својот магистерски труд покажала како може да се создава уметност од стари ткаенини.
Фотографија : Hatice Diler/AA
Таа собирала стари алишта, завеси и остатоци од материјали од тапациран мебел, па со помош на студентите од Катедрата за ликовна уметност, ги искористила овие шарени ткаенини за да направи голем број уметнички слики.
- Сликите изработени од парчиња отпадни ткаенини ги украсуваат ѕидовите -
Махмуде Озер во изјава за Анадолу истакна дека нејзината цел, заедно со студентите од факултетот, била да ја подигнат свеста за заштита на околината.
Посочувајќи дека сакале да им дадат нов живот на отпадоците преку спојување на ткаенината со уметноста, Озер рече:
„Со денешниот начин на живот, ние сме потрошувачко општество. Се троши неверојатно многу, особено во модната и текстилната индустрија. Забележавме дека во ткаенините веќе ги има сите можни бои. Па си рековме: 'Зошто воопшто да купуваме и да користиме вештачки бои, кога сите нијанси можеме да ги извлечеме од старите материјали?' И така започна сè.“
Озер објасни дека освен облеката што самата ја собирала, ткаенини набавувала и од нејзината околина, нагласувајќи дека маиците, палтата или завесите добиле сосем нова форма и повторно оживеале како уметнички дела.
Фотографија : Hatice Diler/AA
Нагласувајќи дека парчињата отпадни ткаенини продолжуваат да ги украсуваат ѕидовите на домовите благодарение на подготвените слики, Озер рече:
„Нашите спомени нѝ се таму, пред очи. Никогаш не излегуваат од нашиот живот, но не како парче облека, туку како уметничко дело пред нашите очи.“
Таа изјави дека внимавале да не користат хемиски производи во изработката на сликите, објаснувајќи дека спојувањето го правеле со машина за шиење или со техника на рачно шиење.
Истакнувајќи дека во работата учествувале шест студенти, Озер додаде:
„Се обидовме да ги прикажеме делата од сопствениот свет на имагинација користејќи ткаенини, без да се употребат бои. На крајот добивме прекрасни дела. Целта на сево ова беше студентите, кои во основа немаат специјално уметничко образование, да може да го изразат својот внатрешен свет и да користат поинаков материјал. Сега почнаа да сфаќаат дека уметност може да се создава и од други работи, а не само од класичните бои. За нас, тоа е огромен успех“.
- „Ова искуство ни даде голема инспирација и многу ни помогна во креативноста“ -
Зехра Озтурк, една од студентките кои учествуваа во проектот, рече дека работењето со материјал поинаков од класичната боја на часот по основен дизајн било интересно искуство.
Наведувајќи дека во првата фаза не разбирале колку оваа работа ќе им биде корисна, Озтурк рече:
„На почетокот не знаевме што точно правиме. Изгледаше како само да спојуваме и да крпиме некои партали. Но, како што одминуваше времето, сфативме дека во уметноста можеме слободно да користиме најразлични материјали. Ова искуство ни даде голема инспирација и многу ни помогна во креативноста.
Студентката Џемре Сердар истакна дека по овој проект, на секое парче стара ткаенина што ќе ѝ се најде во рацете веќе гледа како на идно уметничко дело.