Турција

Либиска воена делегација го испитува местото на падот на авионот во Анкара

- Воените претставници од Либија пристигнаа денес по воздушен пат во турската престолнина Анкара, каде што беа пречекани од претставници на Министерството за национална одбрана на Турција.

Hüseyin Cem Dağıstanlı, Muhammed Nuri Erdoğan  | 24.12.2025 - Обновена : 24.12.2025
Либиска воена делегација го испитува местото на падот на авионот во Анкара

АНКАРА (АА) – Воена делегација од Либија врши увид на местото на падот на приватниот авион во Турција, кој го превезувал началникот на Генералштабот на либиската Армија, генерал Мохамед Али ал-Хадад, заедно со четворица придружни официјални лица и тројца членови на екипажот, јавува Анадолу.

Воените претставници од Либија пристигнаа денес по воздушен пат во турската престолнина Анкара, каде што беа пречекани од претставници на Министерството за национална одбрана на Турција. Потоа, со минибус се упатија кон селото Кесикавак, во областа Хајмана, каде што авионот се урна доцна синоќа, при што загинаа сите лица што се наоѓаа во него.

Делегацијата продолжи кон подрачјето каде што се наоѓаат остатоците од авионот, на кое и понатаму се одвиваат потрагата и истражните активности.

Турскиот министер за внатрешни работи, Али Јерликаја, соопшти дека црната кутија и уредот за снимање на разговорите во пилотската кабина биле пронајдени утринава, додавајќи дека остатоците од авионот се расфрлани на површина од околу 3 квадратни километри.

„Започна процесот на испитување и евалуација на овие уреди, кои треба да помогнат во утврдувањето на причината за несреќата“, изјави Јерликаја.

Тој додаде дека на терен се ангажирани повеќе од 400 лица, со 103 копнени и седум воздушни возила.

Јерликаја исто така информираше дека во Анкара пристигнала и 22-члена либиска делегација, во која се вклучени петмина роднини на загинатите, претставници на Министерството за одбрана и официјални претставници од Министерството за внатрешни работи на Либија.

„Ние сме многу заинтересирани да дознаеме што е причината за несреќата, но токму овие податоци ќе ја откријат, а надлежните институции ќе ги споделат резултатите со јавноста“, рече Јерликаја.

Приватниот бизнис-авион од типот „Фалкон 50“ се урна откако полета од аеродромот „Есенбога“ во Анкара, на пат кон либиската престолнина Триполи.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.