Hayati Akçay
05 Април 2017•Ажурирај: 06 Април 2017
ОРДУ (АА) - Вицепремиер на Турција, Нуман Куртулмуш ја честиташе 97.годишнина од работата на новинската агенција Anadolu Agency (AA) и изјави дека таа медиумска куќа прераснала во респектабилна институција на меѓународен план.
За време на службената посета на турската област Орду, Куртулмуш во изјава за АА и ТРТ потсети дека утре се навршуваат 97 години од основањето на агенцијата Anadolu Agency и во таа прилика изјави дека станува збор за една од најстабилните институции на Турција која е основана во време на основачот на Република Турција, Мустафа Кемал Ататурк.
„Постојано работиме на зголемување на институционалните капацитети на АА која е конкурентна на глобалниот пазар на новинарство, фотографии, видео снимки и други полиња. АА навистина влезе во ред на најпрестижните новински агенции во светот”, изјави Куртулмуш.
Потсетувајќи дека во организација на АА минатата недела е одржан избор на најдобри фотографии на Istanbul Photo Awards, Куртулмуш изјави дека тоа станало престижен натпревар кој ги собира сите еминентни претставници од тој сектор, и изјави дека еден од добитниците на таа награда ја добил и најпрестижната награда Пулицер.
„Успесите на АА се големо задоволство и ќе продолжиме да ја развиваме таа установа во институционален поглед, како и во поглед на технички и човечки капацитети”, порача Куртулмуш.
Anadolu Agency е основана на 6 април во 1920 година со одлуката на Мустафа Кемал Ататурк.
Во периодот на ослободувачката војна и основањето на Републиката, АА имаше историска важна улога во Турција бидејќи го пренесувала гласот на борбата на турскиот народ за независноста. Во текот на изминатите повеќе од девет и пол децении, АА не заостана во маратонската трка на глобалниот агенциски и новинарски полигон.
Со имплементација на јасната визија на труд и развој и почитувајќи ги принципите на сигурно, непристрасно, морално и брзо известување, АА со сигурни чекори оди кон јубилејот 100 години од постоење, со кое ретките институции од тој вид можат да се пофалат.
Моментално АА објавува вести на турски, англиски, арапски, БХС (босански, хрватски, српски) , руски, курдски, француски, албански, македонски и персиски јазик.