İlkay Guder
19 Април 2017•Ажурирај: 20 Април 2017
АНКАРА (АА) - Во колумната што ја објави весникот „Daily Sabah“ (Дејли сабах), портпаролот на турското Претседателство, Ибрахим Калин, наведе дека во неделата, на референдумот за уставни промени во Турција излегле речиси 86 отсто од гласачите и дека, според првичните резултати, со гласовите од 51,4 отсто од гласачите е одобрено спроведувањето на уставните реформи коишто вклучуваат и премин од парламентарен во претседателски систем на управување во Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој изјави дека референдумот e пресвртница во историјата на турската демократија и дека отворил нова страница на модерната турска политика.
Калин истакна дека со волјата на народот, на референдумот е одобрено спроведувањето на уставните реофрми што ќе ја отстрани можноста за враќање на Турција во периодите на коалициските влади коишто поради внатрешните конфликти неефикакасно ја водеа земјата, и истакна дека во неделата беше загарантирана стабилноста на Турција.
Тој потсети дека народот на Турција во 2019 година повторно ќе излезе да гласа и директно ќе го избере новиот состав на парламентот и претседателот на државата со мандат од пет години.
„Новиот систем му дава широки овластувања на парламентот, кој ќе донесува закони и ќе може да процесуира, дури и да го изземе претседателот од функција. Тоа е систем со силен механизам за контрола и рамнотежа на овластувањето, во кој претседателот на земјата и парламентот заедно ќе работат и ќе ги усогласуваат сите важни одлуки“, појасни Калин.
Во понатамошниот дел од текстот, Калин пишува дека неделниот референдум покажал дека и курдското гласачко тело во голем обем гласало за спроведување на уставните реформи и го наведува примерот на областите Муш, Дијарбакир, Сирт, Ван и Мардин, во кои значително повеќе гласачи ги поддржаа реформите во однос на бројот на гласови што партиите коишто ги поддржуваа реформите ги освоија на изборите во 2015 година.
„Поддршката на уставните промени во тие региони беше поголема од очекуваното и тоа јасно покажува дека курдското население не ги прифаќа терористичките активности на ПКК, ниту протерористичката политичка партија ХДП. Нашето курдско население ги поддржува реформите, инвестициите, јакнењето на јавниот поредок и борбата против тероризмот. Претседателот Ердоган, кој секогаш јасно ги разликува Курдите од ПКК, како и владата на Турција, ја придобија довербата на курдските гласачи“, изјави Калин.
Тој исто така наведе дека западните медиуми и некои европски земји го изгубиле угледот во Турција и со своите пристрасни ставови и потези ја довеле во прашање иднината на односите меѓу Турција и ЕУ.
Тој додаде дека и составот на набљудувачката мисија на Организацијата за европска соработка и безбедност (ОБСЕ) и на Парламентарното собрание на Советот на ОН (ПСВЕ), кои го следеа референдумот во Турција, е уште еден потег на тие европски земји коишто ја поддржувале кампањата против уставните реформи.
„Во понеделникот, во првичниот извештај на таа набљудувачка комисија се вели дека референдумот во техничка смисла бил добар, но дека кампањата била нерамноправна. Паралелно со тоа, откриено е дека некои членови на таа комисија, јавно, преку социјалните мрежи ја поддржувале терористичката организација ПКК. Тоа наметнува сериозен сомнеж на непристрасноста на извештајот на таа комисија“, порача Калин.