Ekipa
03 Мај 2019•Ажурирај: 04 Мај 2019
АНКАРА (АА) - Турската полиција приведе најмалку 26 припадници на морнарицата, откако Обвинителството издаде налог за апсење под сомнение дека лицата се поврзани со терористичката организација ФЕТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Републичкото обвинителство во Анкара издаде налог за приведување на 29 осомничени за поврзаност со терористичката организација ФЕТО. Станува збор за припадници на турската морнарица, меѓу кои еден е полковник, додека другите осомничени се подофицери.
Припадниците на полицијата во Анкара рано утринава спроведоа акција за приведување на турски војници поврзани со ФЕТО, а приведени се 26 од вкупно 29 војници, за колку е и издаден налог за приведување. Меѓу приведените има сѐ уште активни припадници на морнарицата, додека остатокот беше суспендиран поради тековната истрага против ФЕТО.
Обвинителството, исто така, издаде налог за приведување на најмалку 53 подофицери припадници на турската жандармерија, од кои 48 сѐ уште се активни. Постои сомнение дека се поврзани со ФЕТО.
Освен припадниците на војската и на жандармеријата, полицијата во Анкара, исто така, по налог на Обвинителството, утринава уапси најмалку осум лица поради поврзаност со ФЕТО, а станува збор за осомничени кои ја користеле апликацијата „ByLock“, односно системот за шифрирана комуникација меѓу припадниците на терористичката организација ФЕТО.
Терористичката организација ФЕТО во 1970-тите години почна своите поданици да ги инфилтрира во безбедносните институции на Турција, за до 1980-тите години значително да ги зајакне своите паралелни пирамиди во овие институции и на 15 јули, 2016 година, да изврши неуспешен обид за воен удар со цел рушење на уставниот поредок и соборување на демократски избраните власти во Турција.