Турција

Изминаа 4 години од крвавиот обид за државен удар на терористите на ФЕТО во Турција

Обидот за државен удар е спречен откако народот на Турција на повик на претседателот Реџеп Таип Ердоган храбро излезе на улиците и плоштадите и ја одбрани демократијата и татковината од пучистите

Ramazan Ercan  | 15.07.2020 - Обновена : 16.07.2020
Изминаа 4 години од крвавиот обид за државен удар на терористите на ФЕТО во Турција

ИЗМИР (АА) - РАМАЗАН ЕРЏАН -

Со низа пригодни настани во Турција денеска ќе биде одбележана четвртата годишнина од обидот за државен удар за време на кој терористичката организација ФЕТО се обиде да го сруши демократскиот поредок во таа земја и тоа со посредство на терористите кои претходно беа инфилтрирани во вооружените сили на таа земја, а кои врз сопствениот народ отворија оган од оружје кое народот и државата им го доверија.

ФЕТО и нејзините членови кои беа инфилтрирани во војската, полицијата и другите институции, за време на крвавиот обид за воен удар на 15 јули 2016 година го покажаа своето вистинско терористичко лице и намера, убивајќи најмалку 251 лице.

Обидот за државен удар беше спречен откако народот на Турција на повик на претседателот Реџеп Таип Ердоган храбро излезе на улиците и плоштадите и ја бранеше демократијата и татковината од пучистите.

Со истрагата е утврдено дека почетокот на обидот за државен удар првично бил планиран за 3:00 часот на 16 јули, но терористите нападот на уставниот поредок на Турција го поместиле за 20:30 часот на 15 јули. Анкара се најде во центарот на случувањата таа крвава ноќ од 15 кон 16 јули 2016 година.

Терористите на ФЕТО обидот за воен удар го водеа од воздушната база Акинџи во близина на Анкара, а меѓу многуте заробени офицери беа и генералниот секретар на Кабинетот на турскиот претседател, Фахти Касирга и началникот на Генералштабот на Турската армија, Хулуси Акар.

Пучистите за време на обидот за државен удар користеа тенкови, оклопни возила и оружје на турската војска, а терористите на ФЕТО инфилтрирани во воздушните сили на турската војска, таа вечер, меѓу останатите локации, ја бомбардираа и зградата на Големото народно собрание на Република Турција, Претседателската палата, седиштето на полицијата и Турскиот институт за статистика (Туркстат).

Според податоците анализирани од новинарот на Агенција Анадолија, во обидот за државен удар учествуваа над 8.000 терористи инфилтрирани во армијата, 35 воени авиони, 3 брода, 37 хеликоптери, 74 тенка, 246 оклопни возила и речиси 4.000 пушки и друго лесно оружје.

Обидот за државен удар предводен од базата Акинџи беше запаметен како темна ноќ и дамка во историјата на Република Турција.

Иако пучистите со ниски летови со авиони над градовите, а посебно над Анкара и Истанбул, како и со изнесување на тенковите и оклопните возила на улиците се обидоа да предизвикаат страв и што побрзо да ја покорат Турција, народот на таа земја излезе на улиците и плоштадите и со златни букви во историјата испиша епски отпор.

- Обидот за државен удар започна порано од планираното -

Офицер од Командата на копненото воздухопловство на турската војска во 16:16 часот на 15 јули 2016 година ја посети турската Национална разузнавачка служба (МИТ) и ги извести надлежните дека има сознанија дека терористите на ФЕТО инфилтрирани во рамките на Турската армија планираат наскоро да изведат напад на придружбата и да го заробат шефот на МИТ, Хакан Фидан.

Службениците на МИТ за оваа информација го известија вториот човек во Генералштабот на Турската армија, Јашар Ѓулер, а Фидан и еден негов заменик наскоро одвоено пристигнале во седиштето на Генералштабот.

Согледувајќи дека нешто се случува во Генералштабот, пучистите на ФЕТО панично реагираа и во 20:30 часот го започнаа неуспешниот обид за државен удар, кој првенствено бил планиран за 3:00 часот по полноќ.

Во моментите кога челникот на МИТ, Фидан, го напуштил комплексот на Генералштабот, од воздухопловната база Акинџи со автобус кон Генералштабот тргнаа 33 припадници на Командата на специјалните сили кои учествуваа во обидот за пуч.

Тогашниот шеф на Одделот за стратешки работи при Генералштабот, Мехмет Дишли, во 21:00 часот на началникот на Генералштабот, Акар, му соопштил дека операцијата за воен удар започнала и дека пучистите тргнале да заземат сѐ по ред.

Акар реагирал на тие зборови и рекол дека нема да поддржи обид за државен удар, по што пучистите му ги затвориле устата и носот, а рацете му ги врзале со пластични затегнувачи.

Терористите на ФЕТО инфилтрирани во униформи на Командата на специјалните сили во седиштето на Генералштабот го заробија тогашниот командант на копнените сили, Салих Зекија Чолак, генералите Ихсан Ујар и офицерот Јунус Џан. Булент Ајдин, придружникот на Чолак, е убиен кога им се спротивставил на пучистите.

Во тие моменти авионите над Анкара изведуваа ниски прелети кои предизвикаа голем метеж во главниот град на Турција. Во обидот за пуч се приклучија и илјадници пучисти и од другите воени бази и касарни.

- Тогашниот премиер на Турција, Јилдирим, ѝ ја соопшти на јавноста веста за обидот за државен удар

Во моментите кога сите се прашуваа што се случува и зошто толку големи воени активности, тогашниот премиер на Турција, Бинали Јилдирим, на телевизиска програма во 23:02 часот соопшти дека во тек е обид за државен удар, додавајќи дека сите одговорни за тој нелегален акт ќе бидат жестоко казнети.

Минута подоцна пучистите со хеликоптер од Генералштабот во базата Акинџи го префрлија заробениот началник на Генералштабот, Акар. Во базата Акинџи кај Анкара пучистите доведоа и бројни други заробени високи воени лица, како што е генералниот секретар на турското Претседателство, Фахри Касирга, заменик-началникот на Генералштабот, Јашар Ѓулер, командантот на жандармеријата, Галип Менди, командантот на воздухопловнтие сили, Абидин Унал и други.

Пучистите го заробија и шефот на Одделот на турската полиција за антитероризам, Тургут Аслан и неговата придружба кои го посетиле седиштето на жандармеријата за да се распрашаат за воените активности.

Во екот на случувањата, пучистите во 23:18 часот со авион „Ф-16“ го бомбардираа Одделот на турската специјална полиција во местото Ѓолбаши, каде што се убиени 7, а ранети 5 лица.

Во првите секунди од 16 јули 2016 година пучистите го бомбардираа и Одделот на турската полиција за специјални операции, кој исто така се наоѓал во Ѓолбаши, а во кој напад се убиени 44, а ранети 36 полицајци.

Потоа следувалл напад со хеликоптери на комплексот на МИТ, а пучистите пристигнале и во седиштето на Турската радио-телевизија (ТРТ) и ја принудиле спикерката во живо во програма да го прочита прогласот за воениот удар.

- Народот излезе на улиците и плоштадите

Претседателот на Турција, Ердоган, во 00:04 часот преку телефон се јави во програмата на телевизијата „Си-ен-ен Турк“ (CNN Turk) и потврди дека станува збор за обид за држвен удар кој го изведува помала група во војската со која раководат паралелни структури.

Ердоган претходно е евакуиран од хотел во Мармарис, каде што престојувал со семејството, а каде бил упатен тим на терористи на ФЕТО со цел да го убијат или заробат претседателот на Турција.

Ердоган ги повика турските граѓани да излезат на улиците и плоштадите и да им се спротивстават на пучистите. Народот го послуша повикот и почна да се собира на улиците и плоштадите низ целата земја, вклучувајќи го и плоштадот пред Генералштабот, Претседателската палата, седиштето на владејачката Партија за правда и развој.

Граѓаните го блокираа патот и конвојот на пучистите кој од касарната во Полатли тргна кон Анкара, а пучистите убија 8 граѓани кои беа меѓу масата која се собра пред базата Акинџи.

Вооружените воени авиони и понатаму полетуваа од базата Акинџи и со ниски прелети над градот го пробиваа звучниот ѕид за да го заплашат народот кој во тие моменти им ги блокираше улиците и плоштадите низ Турција. Пучистите во Генералштабот со хеликоптери ги донесоа и студентите на Воената академија.

Следуваше напад кој пучистите го извршија со хеликоптер на седиштето на „Туркстат“ во Ѓолбаси, а со цел прекин на сателитското емитирање од Турција. Убиени се двајца службеници на „Туркстат“.

Во 00:56 и 01:08 часот следуваа нови бомбардирања на Дирекцијата на турската полиција. Две лица се убиени, а 39 ранети. Пучистите со тенкови дојдоа пред седиштето на полицијата и убија уште осуммина кои се противеа на пучистичкиот напад.

- Историска задача за Халисдемир - 

Поранешниот бригаден генерал Семих Терзи со пучистите од редот на специјалните сили од Дијарбакир во Анкара со авион стигна во 1:13 часот и тоа со намера да го заземе седиштето на Командата на специјалните сили во Ѓолбаси.

Командантот на специјалните сили, Зекаи Аксакали, во таа пригода на офицерот Омер Халисдемир му нареди да го убие Терзи за кого изјави дека е предавник и пучист. Халисдемир го уби генералот Терзи кој дојде во седиштето на специјалните сили, а пучистите од придржубата на Терзи го убија Халисдемир.

Тој чин на офицерот Омер Халисдемир го промени текот на обидот за државен удар и стана симбол на отпорот против пучистите.

- Свикана вонредна седница на турскиот Парламент - 

Вонредната седница на Големото народно собрание на Република Турција започна во 1:39 часот, а на неа присуствуваа пратеници од редовите на сите парламентарни партии кои на тој начин застанаа во одбрана на демократијата и уставниот поредок на Турција.

Граѓаните во тие моменти ги блокираа патиштата на пучистите и буквално со голи раце се качуваа на тенковите и оклопните возила, а успеаја во 2:21 часот да влезат и во комплексот на Генералштабот, откако пучистите отворија оган врз нив.

Врз граѓаните пучистите отворија оган и од хеликоптер, а први такви напади се случија пред Генералштабот и седиштето на жандармеријата каде што се убиени најмалку 38 лица.

Во тие моменти, авион „Ф-16“ со оддалеченост од само неколку стотици метри од Генералштабот истрела проектили на зградата на турскиот Парламент во кој се одржуваше вонредна седница.

Истовремено, легитимните турски сили започнаа да ги апсат пучистите кои се обидуваа да го заземат седиштето на ТРТ, а телевизиската програма во 3:00 часот е вратена под контрола на редакцијата на таа телевизија.

Пучистите потоа повторно ја бомбардираа зградата на Парламентот и „Туркстат“. Во Парламентот се ранети 32 лица, а со дополнителен увид е утврдено дека на зградата на Парламентот е направена материјална штета од 20 милиони лири.

Тогашниот министер за правда на Турција, Бекир Боздаг, во тие моменти се обраќаше на турскиот Парламент и ги повика пратениците да останат во салата и да не одат во засолниште, бидејќи тоа би претставувало лоша порака за граѓаните кои храбро излегоа на улиците и плоштадите.

„Луѓето би кажале дека Парламентот се преплашил од пучистите. Ние ќе останеме тука и ќе умреме тука ако треба“, порача Боздаг.

Турските сили апсеа сѐ повеќе пучисти, а во 4:29 часот беше прекинато снабдувањето со електрична енергија во базата Акинџи која беше седиште од кое пучистите диригираа со предавничкиот обид за воен удар.

- Претседателската палата беше цел на пучистите - 

Во првите моменти по зората, пучистите извршија напад врз Претседателската палата. Пучистите пилоти со авиони „Ф-16“ ја бомбардираа и раскрсницата и мостот во близина на палатата каде што се убиени 15, а ранети 7 лица.

И во утринските часови на 16 јули таа 2016 година пучистите со ниски летови предизвикаа голема врева во Анкара. Наспроти тоа, пилотите на турската војска кои не учествуваа во обидот за воен удар, извршија воздушни напади на пистата на базата Акинџи и така го спречија понатамошното полетување на пучистичките авиони.

Како резултат на борбата на турскиот народ и полицијата, началникот на Генералштабот, Акар, е ослободен во 8:26 часот и со хеликоптер е префрлен од базата Акинџи во палатата „Чанкаја“.

Специјалните полициски сили во тие моменти го ослободија и седиштето на жандармеријата. Пучистите сфатија дека обидот за државен удар е неуспешен и почнаа да излегуваат од Генералштабот и да се предаваат на полицијата.

Специјалната полиција потоа го ослободи и седиштето на Генералштабот, а премиерот Јилдирим во владината палата „Чанкаја“ дојде во 12:57 часот.

Тој во таа пригода официјално соопшти дека е спречен обидот за воен удар, а со него пред камерите застанаа и началникот на Генералштабот, Хулуси Акар, министерот за внатрешни работи, Ефкан Ала, министерот за одбрана, Фикри Ишик и министерот за правда на Турција, Бекир Боздаг.

Терористичката организација ФЕТО е предводена од Фетула Ѓулен, кој престојува во Соединетите Американски Држави (САД), а чие испорачување Турција официјално на повеќепати го побара од САД.

Припадниците на таа терористичка организација, со години, преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, приврзаниците на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.

Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.