İlker Girit
09 Април 2017•Ажурирај: 09 Април 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, ја повика Русија да ја ревидира поддршката на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад по нападот со хемиско оружје врз цивили во Идлиб и по американскиот напад врз сириската воена база во Хомс, јавува Anadolu Agency (AA).
"Се надеваме дека ова нема да остане само во рамките на реакцијата на Соединетите Американски Држави, туку дека и Русија ќе се вклучи во тоа. Во најмала рака да престане да го поддржува Асад", рече Ердоган во изјавата за турските медиуми во врска со злосторството во Кан Шејхун.
Изразувајќи задоволство од последните изјави на руските официјални лица кои рекоа дека поддршката за Асад не е бесконечна, Ердоган истакна дека е време да се забрза процесот за решавање на сириската криза и да се стави крај од злото.
"Нема сомнеж дека Сирија поседува хемиско оружје и сосема е јасно чии авиони фрлија такви бомби, тоа го потврдуваат извештаите од радарите", истакна Ердоган.
Употребата на нервен гас во бомбашкиот напад во покраината Идлиб беше потврдена и со аутопсијата на телата на настраданите кои беа пренесени во Турција, а на аутопсијата присуствуваа и претставници на Светската здравствена организација (СЗО) кои ги потврдија наодите.
"Без оглед на тоа дали е користено забрането хемиско оружје или не, во Сирија загинаа скоро еден милион луѓе и светот мора да реагира за да се спречи крвопролевањето и страдањето на невините цивили", порача Ердоган.
Нагласувајќи ја неопходноста од движењето и процесот на политичка транзиција, Ердоган истакна дека време е да се преземат конретни чекори кон демократизација на Сирија.
Тој исто така истакна дека мировниот процес во Астана, паралелно со тој во Женева, тргнал во позитивна насока кон постигнување на политички договор, но дека на крајот не го донел посакуваниот договор.
Како одговор на минатонеделниот напад со хемиско оружје во којшто беа убиени најмалку 100, а повредени над 500 лица, американската војска во петокот лансираше 59 проектили врз воздушната база на сириската војска во Хомс.