Jeyhun Aliyev
01 Јануари 2021•Ажурирај: 02 Јануари 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Турција е во разговори со Германија за заедничко производство на вакцина против новиот вид коронавирус, изјави денеска во Истанбул турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Во нашите преговори со Германија вклучено е и прашањето за заедничко производство на вакцина. ТУБИТАК [Совет за научно-технолошки истражувања на Турција] ја продолжува својата работа во однос на ова прашање“, рече Ердоган.
Минатата недела, турскиот министер за здравство, Фахретин Коџа, соопшти дека Турција и германската фирма „БајоНТех“ склучиле договор за првичните 550.000 дози од вакцината на „Фајзер“/„БајоНТех“, кои ќе бидат испратени во земјата најдоцна во почетокот на 2021 година.
Како што соопшти Коџа, според договорот, во Турција ќе бидат испратени 4,5 милиони дози од вакцината до крајот на март 2021 година. Турција, во рамките на договорот, ќе има пристап до 30 милиони дози.
- 3 милиони дози -
Турскиот претседател истакна дека Турција направила напредок во набавката на вакцината, додавајќи дека се добиени околу 3 милиони дози и дека овие напори ќе продолжат, мислејќи на пристигнувањето на првата пратка вакцини КоронаВак од кинеската компанија „СиноВак Биотек“.
Коџа преку Твитер претходно соопшти дека вакцинирањето ќе започне откако ќе помине периодот на тестирање на вакцината од 14 дена во турските лаборатории.
Тој исто така рече дека продолжува и работата за развивање на домашна вакцина против вирусот.
Опишувајќи ја 2020 година како година „полна со болка за целото човештво“, Ердоган рече дека таа, меѓу другото, била исклучително динамична година.
„Се надеваме дека благодарение на преземените мерки, 2021 година ќе биде година на опаѓање [на бројот на случаи Ковид-19]“, додаде тој.
Заклучно со синоќа, Турција регистрира вкупно 20.881 смртен случај како резултат на коронавирусот, додека над 2,1 милион луѓе ја победија битката со вирусот. Во моментов во земјата има над 2,2 милиони потврдени случаи.
Во Турција од 5 декември на сила е полициски час во вечерните часови од работните денови, и целосен полициски час во текот на викендите како дел од мерките за спречување на ширењето на коронавирусот.
Земјата во моментов е под полициски час по повод Нова година, кој започна синоќа и ќе трае до 5 часот наутро на 4 јануари.