Gözde Bayar
12 Ноември 2023•Ажурирај: 13 Ноември 2023
АНКАРА (АА) – Туркије е клучната земја за решавање на кризите во регионот, истакна денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Анадолу.
„Туркије е земјата која нуди најприменливи предлози за решавање на проблемите. Туркије е клучната земја за решавање на кризите и проблемите во регионот“, изјави Ердоган за новинарите во претседателскиот авион на враќање од саудиската престолнина Ријад, каде што присуствуваше на вонредниот Арапско-исламски самит.
„Таа е единствената земја што може да се сретне со сите земји од нашето географско опкружување и да ги собере на иста маса конфликтните и завојуваните страни“, нагласи тој.
Ердоган додаде дека ќе продолжи да разговара со секоја страна која сака да стапи во контакт со Туркије за искрено решение.
„Нашите заложби се за да го заштитиме човечкиот живот, да обезбедиме мир, да ставиме крај на војните и да ги избришеме солзите на невините“, истакна тој.
Во однос на гласањето на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, Ердоган рече дека со иницирање телефонска дипломатска активност сака да ги убеди земјите кои се воздржани да усвојат резолуција за прекин на огнот во Газа.
„Дали има некоја од оние (земји) кои се воздржани што можеме да ги привлечеме на наша страна? Ние сме во потрага по нив, и сакам тоа да го разгледам. Сакам да започнам интензивна телефонска дипломатска активност по самитот во Ријад“, им кажа Ердоган на новинарите.
Над 121 земја гласаа на Генералното собрание на ОН во Њујорк во петокот за усвојување на арапската резолуција со која се бара ставање крај на војната во Газа и овозможување дотур на хуманитарна помош во територија која е под напади. Само 14 земји гласаа против, една од нив се Соединетите Американски Држави (САД).
Ердоган нагласи дека Хамас не е терористичка организација, туку група луѓе кои се борат за својата татковина.
Тој, исто така, ја истакна важноста на египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси за управувањето со граничниот премин Рафа, и покрај сите негативности.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа, вклучително и врз болници, домови и места за богослужба, по прекуграничниот напад на палестинската група на отпорот, Хамас, на 7 октомври.
Најмалку 11.100 Палестинци загинаа, од кои 8.000 деца и жени од почетокот на конфликтот.
Според официјалните податоци, бројот на загинати во Израел е скоро 1.200.