Ekipa
31 Декември 2019•Ажурирај: 01 Јануари 2020
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган порача дека договорите потпишани со Триполи донеле значајна стратегиска корист за Турција, односно дека со нив се целосно спречени обидите за исклучување на Турција од Медитеранот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Од Кабинетот за комуникации на турското Претседателство објавена е видеопорака на претседателот Ердоган по повод новогодишните празници.
Ердоган рече дека зад себе се остава 2019 година и се влегува во 2020 година во која им посака секое добро на Турција, турскиот народ, пријателите на турскиот народ и на целото човештво.
Говорејќи за она што е направено во изминатата година, Ердоган рече дека тоа бил период во кој деноноќно се работело на приближување на земјата кон својата зацртана цел за голема и моќна Турција.
Кога станува збор за инфраструктурните проекти, истакна дека во април оваа година со полн капацитет почна да работи третиот истанбулски аеродром, како и тоа дека за сообраќај е пуштен и Автопатот Истанбул - Измир, кои ги оценува за најзначајни проекти за оваа година.
Нагласи дека Турција во 2019 година уште еднаш му го покажа на целиот свет својот хуман став и конструктивна политика.
„Со операцијата „Извор на мирот“ којашто ја започнавме на 9 октомври, ја покажавме нашата одлучност во борбата против тероризмот и зачувувањето на безбедноста на нашата земја“, рече Ердоган.
Тој истакна дека во рамките на борбата против тероризмот, вклучувајќи ги и претходните операции „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“, од терористи е расчистена област од околу 4.000 квадратни километри, со што им е овозможено безбедно враќање на вкупно 370.000 сириски бегалци.
- Договорите со Либија се значајна стратешка корист за Турција -
Тој понатаму наведе дека Анкара и Триполи во ноември потпишаа два одделни меморандума за разбирање - еден за воена соработка и друг за поморските граници на земјите во Источниот Медитеран. Како што истакна, потпишаните меморандуми ѝ донеле значајна стратешка корист на Турција.
„Со овие меморандуми значајно го проширивме процесот што претходно го започнавме со Турската Република Северен Кипар. Со последните чекори што ги презедовме, целосно ги оневозможивме обидите за исклучување на Турција од Медитеранот. Се надеваме дека со поддршката што ќе ја дадеме на легитимната Влада во Триполи ќе се обезбеди целосна реализација на сите елементи од овие договори“, рече Ердоган.
Потсети дека овие денови беше претставен прототипот на првиот турски автомобил, што е уште еден во низата технолошки и индустриски исчекори на земјата.
- „Турскиот автомобил е доказ дека сме на вистинскиот пат“ -
Турскиот претседател рече дека со тоа е остварен сонот кој турскиот народ го сонувал цели 60 години. Дизајнот и карактеристиките на автомобилот претставен во петокот, според Ердоган, се најдобриот показател дека неговата земја се наоѓа на добар пат.
„Со голема возбуда го очекуваме крајот на 2022 година кога ќе започне сериското производство на овој автомобил. Исто така, чекор по чекор, ќе напредуваме и на крајот ќе го реализираме проектот „Канал Истанбул“, кој ќе има голем стратешки и економски придонес за нашата земја“, порача Ердоган.
Истакна дека Турција денес, во многу поголема мера од вчера, со надеж и сигурност гледа во својата иднина.
„Оние кои вчера ѝ се закануваа на Турција со хаос, тероризам, пуч, кризи, нестабилност - денес, наспроти нашите чекори, ја прифаќаат својата беспомошност и бараат начини за компромис. Како што секогаш велам, нашата најголема сила е нашето единство, нашата солидарност", истакна во пораката турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.