Mümin Altaş
16 Март 2022•Ажурирај: 17 Март 2022
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган соопшти дека на 24 март во Брисел ќе присуствува на вонредниот самит на лидерите на Северноатлантскиот сојуз (НАТО) и додаде дека тоа ќе биде можност за продолжување на разговорите и напорите за ставање крај на војната во Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган го прими полскиот претседател Анджеј Дуда во палатата Чанкаја во Анкара, а по состанокот истакна дека Турција и Полска се стратешки партнери и сојузници.
Нагласувајќи дека на состанокот се разговарало за сите аспекти на билатералните односи и потенцијалите за нивно понатамошно зајакнување, Ердоган рече дека работната посета на Дуда е потврда за взаемната определеност за зајакнување на билатералната соработка на сите полиња.
Турскиот претседател рече дека со својот полски колега разговарал и за регионални теми, со акцент на случувањата во Украина.
„Како НАТО сојузници разменивме мислења. Самитот на лидерите на НАТО ќе биде на 24 овој месец. Тоа ќе биде можност да ги продолжиме нашите разговори“, рече Ердоган.
Истакнувајќи дека со полскиот претседател Дуда разговарал и за безбедноста во Европа, Ердоган рече дека се согласни за неопходноста од интензивирање на дипломатските напори за ставање крај на војната во Украина.
„Турција продолжува со обидите да воспостави прекин на огнот. Всушност, мојот министер за надворешни работи денес води разговори во Москва. Утре оди во Украина. Одржуваме интензивна шатл-дипломатија. Во овој процес ќе продолжиме со нашите консултации и соработка со Полска“, рече Ердоган.
Тој понатаму посочи дека Полска е пример за целиот свет бидејќи ги отворила своите граници за скоро два милиони бегалци од Украина.
Додаде дека Турција најдобро разбира со што се соочува Полска во моментов бидејќи Турција веќе осум години е земја која згрижува најголем број бегалци во светот.
„Поддршката која ја дава Полска и во испораката на нашата хуманитарна помош за Украина е за восхит. На нашиот состанок разговаравме и за идејата нашето стратешко партнерство да го крунисаме со основање на Совет за стратешка соработка на високо ниво. Ќе ги забрзаме нашите напори првиот состанок на Советот да го одржиме во Варшава во втората половина од годинава. И покрај епидемиските услови, обемот на нашата трговија е зголемен за 28 отсто и достигна 8,3 милијарди долари. Многу сме блиску до нашата цел од 10 милијарди долари. Задоволни сме и од развојот на нашите односи на полето на одбранбената индустрија“, рече Ердоган.
Турскиот претседател изрази надеж дека Полска ќе продолжи со својата блиска соработка и афирмативна улога и во јакнењето на односите и соработката меѓу Турција и Европската Унија.