15 Јули 2021•Ажурирај: 15 Јули 2021
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за турскиот медиум „Јени Шафак“ напиша текст по повод петтата годишнина од обидот за пуч во Турција, кој го извршија воените лица лојални на терористичката организација ФЕТО, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во пораката за непобедливата Турција, Ердоган потсети како храбриот турски народ бил обединет на 15 јули и остварил голема победа против пучистите кои убија 251 лица.
Тој порача дека 15 јули испраќа посебна порака и лекција.
„Оваа голема победа со која го запревме обидот за државен удар и окупација, беше значајна лекција и порака до целиот свет, што му покажа на целиот свет што можеме да сториме за да ја заштитиме волјата на народот и демократијата“, напиша Ердоган.
Тој потсети дека Турција на 15 јули 2016 година била изложена на обидот на окупација кој изгледал како пуч.
„Овој пуч беше најнечесна алка од ланецот на нападите со кои ФЕТО, низ разни завери ја зеде на нишан волјата на народот. ФЕТО, чии планови се прекинати со борбата на нашата држава и поддршката на народот, како последно решение го имаше обидот за пуч на 15 јули 2016 година“, напиша Ердоган.
Тој потсети дека пучистите - оружјето, тенковите и авионите ги впериле кон народот, но дека во тие намери ги запреле народот, државата и безбедносните сили.
Ердоган порача дека турскиот народ, односно жени, мажи, млади и стари се обединиле рамо до рамо и испишале победа, иако 251 лице го положија својот живот во таа борба.
Турскиот претседател истакна дека ниту една реченица, текст, обраќање за храброста на турскиот народ пред предавниците не биле доволни.
„Бидејќи, епот кој нашиот народ го испиша на 15 јули не е само приказна за запирање на обидот за пуч. Таа ноќ уште еднаш е изразена волјата на нашиот народ за државата, знамето, иднината и независноста покажана во 1071 година во Малазгирт, 1453 во Истанбул и 1915 година во Чанаккале“, напиша Ердоган.
Тој истакна дека сè додека има такви кои ја убиваат смртта, кои се спротивставуваат на тенкови само со знаме во рацете, повикот за молитва нема да запре, знамето нема да се спушти, а оние што се насочени кон иднината и независноста на Турција нема да ги постигнат своите цели.
„Во согласност со тоа сфаќање, ние како држава го штитиме духот на 15 јули и аманетот на шехидите и одлучно ја продолжуваме борбата против ФЕТО, која е глобална мрежа на предавниците. Продолжуваме, како во земјата така и во странство, да трагаме по предавниците на ФЕТО и да ги предаваме на турското правосудство. Каде и да бегаат, во кој било дел од светот, нема да се откажеме од нашата борба додека пред лицето на правдата не одговара и последниот припадник на ФЕТО“, напиша Ердоган.
По повод 15 Јули, Денот на демократијата и националното единство, Ердоган порача дека Турција е непокорлива, непобедлива и уште еднаш упати молитви за сите загинати кои своите животи ги положија пред терористичкиот напад на 15 јули 2016 година.
Тој упати поздрави и убави желби за секој граѓанин на Турција, кој таа ноќ застана во одбраната на својата држава, знамето и волјата на народот.