АНКАРА
Турција и Албанија потпишаа Договор за унапредување на билатералните односи на ниво на стратешко партнерство, јавува Агенција Анадолија (АА).
Обраќајќи се на заедничката прес-конференција со премиерот на Албанија, Еди Рама, по состанокот во Анкара, претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган ги нагласи историските врски на двете земји.
„Планираме да ги зголемиме инвестициите во инфраструктурата и туризмот во Албанија. Сакаме нашата економска соработка да ја подигнеме на нова димензија", рече Ердоган.
Турскиот претседател Ердоган најави изградба на нова болница во Албанија, во што ќе помогне Турција.
Ердоган се осврна и на борбата против терористичката организација ФЕТО.
„Нема да дозволиме ФЕТО да ги труе односите на двете земји", порача Ердоган.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за државен удар во Турција во ноќта на 15 јули во 2016 година.
Станува збор за терористичка организација која ја предводи Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), а чија екстрадиција Турција официјално побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за пуч, што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.