Zafer Fatih Beyaz
25 Август 2021•Ажурирај: 26 Август 2021
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган порача дека муслиманите мора да преземат одговорност за својот мир и просперитет, како и за безбедноста и иднината на целото човештво, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган преку видеопорака се обрати на денешното четврто Генерално собрание на Форумот на млади на Организацијата за исламска соработка (ОИС).
Наведувајќи дека денес сведочиме на еден од најбурните периоди во историјата на човештвото, Ердоган изјави дека безбедносните проблеми, терористичките активности и епидемијата кои непрестано заземаат светска агенда не допуштаат во потполност да се постигне посакуваниот мир и благосостојба.
Истакнувајќи дека тие проблеми, кои се закануваат на целото човештво, за жал, оставиле најдлабоки траги на подрачјето на муслиманскиот свет, Ердоган продолжи:
„Муслиманите кои се борат со судири, миграции, сиромаштија и болести на широкото географско подрачје, од Сирија до Авганистан, мораат истовремено да се борат со растечката исламофобија и расизам, особено на Западот. Речиси секој ден читаме вести за нашите браќа кои се малтретирани и дискриминирани поради сите уверувања, марамата и облеката, во земјите кои наводно се колевка на демократијата. Не е возможно да се продолжи овој неправеден поредок, во кој постојат глад, војна и екстремна сиромаштија од една, и луксуз, разврат и експлоатација од друга страна.“
Тој потсети дека Турција константно укажува на глобалната неправда и нагласува дека „светот е поголем од пет“, мислејќи на петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН.
„Никој од нас не може да си го дозволи тој луксуз само да го гледа овој поредок. Муслиманите мораат да преземат одговорност за својот мир и просперитет, како и за безбедноста и иднината на целото човештво, и да го подигнат својот глас пред неправдите на кои сведочат“, порача Ердоган.