Faruk Zorlu,Alperen Aktaş
06 Март 2024•Ажурирај: 07 Март 2024
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја потврди својата осуда за израелското варварство кон Палестинците во Појасот Газа, јавува Анадолу.
„Во изминатите 151 ден бевме сведоци на едно од најголемите варварства во изминатиот век“, рече Ердоган на заедничката прес-конференција со својот палестински колега Махмуд Абас во Анкара, главниот град на Туркије.
Обвинувајќи ја Владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека извршила „еклатантен геноцид врз Палестинците“, Ердоган рече дека тоа се случува со „неограничена поддршка на западните сили“.
„Нетанјаху и неговите соучесници во убивањето дефинитивно ќе одговараат за секоја капка крв што ја пролеаја пред законот и општествената совест“, порача турскиот претседател.
Тој, исто така, ги критикуваше постапките на израелските доселеници на окупираните палестински територии, наведувајќи дека акциите на израелските доселеници, кои всушност навлегуваат во палестинските територии, се една од најголемите пречки за решение.
Осудувајќи ги како „целосно апсурдни“ барањата на „радикалните израелски политичари“ да го ограничат пристапот на муслиманите до џамијата Ал Акса во окупираниот Источен Ал-Кудс (Ерусалим), тој ја нагласи важноста од одржување на пристапот до верските објекти за сите вери.
Ердоган, исто така, ги прекори обидите на Израел да ја дискредитира Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (UNRWA), категорично наведувајќи дека не треба да се верува во обидите на Тел Авив да ја дискредитира Агенцијата со „лаги и клевети“.
Порача дека не треба да се поткопува постоењето на Агенцијата.
Неколку земји, меѓу кои и САД, Велика Британија, Германија и Канада, најавија прекин на финансирањето на УНРВА поради сомневање за поврзаност со палестинското движење Хамас.
Генералниот комесар на Агенцијата, Филипо Лазарини, нареди отпуштање на неколку службеници на Агенцијата, кои наводно биле вклучени во нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година.
Залагајќи се за мирно решение, Ердоган нагласи дека „единствениот пат до траен мир е преку формирање на независна палестинска држава со Источен Ал-Кудс како главен град во границите од 1967 година“.
Тој го нагласи цврстиот став на Туркије за израелско-палестинското прашање, кое е тесно поврзано со палестинската кауза, повикувајќи на меѓународна поддршка за постигнување мирно решение на конфликтот.